Си-ен-ен јавува дека американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со гувернерите на 50 држави од САД во теле-конференциски повик што се одржувал од бункер во Белата куќа.

– Мора да доминирате или ќе изгледате како група кретени. Мора да апсите луѓе – рекол тој во повикот од бункерот, додавајќи дека во спротивно демонстрантите ќе ги прегазат властите – пренесува Си-ен-ен.

Претседателот исто така посочил дека целиот свет се смеел кога демонстрантите запалија полициска станица во Минеаполис.

Новинарот на „Вашингтон пост“, Робер Коста остварил контакт со едно лице кое учествувало во повикот.

Неговиот извор му кажал дека претседателот побарал да ги користат војската и Националната гарда за борба против демонстрантите.

По бранот протести во саботата вечер поради смртта на црнецот Џорџ Флојд, кој почина од прекумерна употреба на сила за време на апсење во Минеаполис, во голем број градови е воведен полициски час.

Вакви ограничувања има во Лос Анџелес, Чикаго, Детроит и Вашингтон, додека во југозападната држава Аризона воведен е целонеделен полициски час, откако демонстрантите излегоа на улиците и се судрија со полицијата, која користеше солзавец и гумени куршуми.

Ограничувањето на движењето, кое ќе влијае на милиони луѓе, стапи во сила во исто време со распоредувањето на повеќе од 5.000 припадници на Националната гарда, кои беа активирани во 15 држави и главниот град, за поддршка на локалните сили за спроведување на законот.