На градскиот базен во Пробиштип вчера се одржа завршниот час од третата по ред пливачка школа за оваа година „Пливај и уживај“, организирана од Еуролинк Осигурување. Поаѓајќи од минатогодишните позитивни искуства, и оваа година Еуролинк Осигурување им овозможи на 130 деца да пливаат и да уживаат со пливачките школи во Скопје, Кавадарци и Пробиштип.

Децата на возраст од 8 до 12 години успешно ги совладаа четирите основни техники во пливањето без помош на пливачко помагало – пловка. Наставата на часовите се реализираше по УССВИМ програмата (Американска програма за обука на деца непливачи) под раководство на проф. д-р Наташа Мешковска и нејзиниот тим.

На завршниот час од секоја школа, на учесниците им беше доделена диплома за успешно завршена пливачка школа.

На наша голема радост интересот за пливачките школи и оваа година беше голем не само за пливачката школа во Скопје туку и за останатите градови. Децата, покрај тоа што научија да пливаат, создадоа нови пријателства и се стекнаа со ново искуство, со надеж дека некои од нив ќе започнат и професионално да се занимаваат со овој спорт.

Со вистински вредности, до здрави, среќни и успешни деца. Се гледаме на некоја од следните возбудливи активности.

Активноста е дел од платформата за Корпоративно општествена одговорност, „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“ во која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, уметноста и културата во Република Македонија.