ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Еван со блескав спринт ги победи ветерот и ривалите

Австралискиот велосипедист Калеб Еван совршено го темпираше својот спринт против силниот ветер во Систерон за да го надмине специјалистот за спринтови, Словакот Петер Саган, и да му ја одземе победата на Ирецот Сем Бенет по десната странична бариера, третата етапа на годинашниот Тур де Франс, од Ница до Систерон (198 км). За Еван ова е вкупно четврта победа досега на Тур, по трите победи на неговото деби лани.
– Ова е најголемата трка во светот и многу сум среќен што стекнав нова победа и докажав дека лани не беше ништо случајно. Се надевам дека ќе продолжам да победувам – рече Еван по триумфот.
Французинот Жулиен Алафилип го задржа водството на трката (13 часа, 59 минути и 17 секунди), Британецот Адам Јејтс остана втор со четири секунди заостанување, трет е Швајцарецот Марк Хирски со плус седум секунди, а бранителот на титулата Колумбиецот Еган Бернал се искачи за две места и сега е шести во генералниот пласман. Вчера се возеше четвртата етапа од Систерон до Орсиер-Мерлет (160,5 км).


КОШАРКА – НБА-ЛИГА, ПЛЕЈОФ
Оклахома не се дава, Мајами изненади

Кошаркарите на Оклахома забележаа победа со 104-100 против Хјустон во шестиот дуел од првата рунда во плејофот на НБА-лигата. Резултатот е 3-3 во победи и за тоа кој ќе оди во полуфиналето на Западната конференција ќе решава седмиот, ноќеска. Хјустон беше поблиску до целта оти имаше шест поени предност во финишот на мечот, но Оклахома направи пресврт.
Изненадување во почетокот на полуфиналната серија во Источната конференција направи Мајами, кој со 115-104 го совлада Милвоки и поведе со 1-0 во победи во меѓусебните дуели.
Кошаркарот на Њу Орлеанс, Брендон Инграм, е прогласен за играч со најголем напредок во НБА-лигата. Тој беше избран пред Бем Адебајо од Мајами и Лука Дончиќ од Далас. Инграм беше најдобар сезонава во својот тим, со просек по натпревар од 23,8 коша, 6,1 скока и 4,2 асистенции.