Во првото издание за трофејот играа Португалија (победник), Холандија, Англија и Швајцарија, а идната година во мечевите за титулата ќе настапат Белгија, Италија, Шпанија и Франција

ФУДБАЛ

Белгија, Италија, Шпанија и Франција, победниците во четирите групи во лига А, ќе играат на фајналфор-турнирот од второто издание на фудбалската Лига на нациите (ЛН), од 6 до 10 октомври 2021 година.
Ждрепката за полуфиналните двојки е закажана за 3 декември, кога треба да биде одредена и земјата-домаќин (кандидат е Италија) на завршниот турнир. Победник во првото издание на ЛН во 2019 година беше Португалија, која беше и организатор на финалниот турнир, на кој настапија и Холандија, Англија и Швајцарија. Во првото издание на Лигата на нациите сегашните полуфиналисти Белгија, Италија, Шпанија и Франција беа втори во своите групи.

По втората сезона на Лигата на нациите, познати се и селекциите што се пласираа во повисок ранг, односно тие што испаднаа во понизок ранг. Така, во најсилната конкуренција, лига А, во следното издание ќе играат Австрија, Чешка, Унгарија и Велс, а од лигата А во лига Б испаднаа БиХ, Исланд, Шведска и Швајцарија или Украина, чиј меѓусебен решавачки меч не се одигра неделава.
Во лигата Б, како победници на групите во лигата Ц, ќе настапуваат Црна Гора, Ерменија, Словенија и Албанија, а во лигата Ц, во која ќе игра и Македонија, ќе играат Северна Ирска, Словачка, Турција и Бугарија.

Од лигата Д во лигата Ц се пласираа Фарските Острови и Гибралтар, а за опстанок во лигата Ц ќе се сретнат Кипар – Естонија и Молдавија – Казахстан, во март в година, со мечеви дома и на гости (вкупните победници ќе продолжат со настапите во лигата Ц, а поразените ќе се преселат во лигата Д).
Македонската репрезентацијата загуби од Ерменија со 0-1 на неутрален терен во Никозија (Кипар) во последниот натпревар во групата 2, лига Ц, во второто издание на ЛН. На Македонија не ѝ успеа да освои барем еден бод од овој дуел за пласман во повисок ранг, во лигата Б. Сатисфакција, и тоа голема за Македонија, е деби-пласманот на Европското првенство (ЕП), остварен низ плејофот од првото издание на ЛН, чие финале беше минатата недела.


НОВИ ЧЛЕНОВИ НА ЛИГИТЕ

Лига А
Австрија, Чешка, Унгарија и Велс (од лигата Б)
Лига Б
БиХ, Исланд, Шведска, Швајцарија или Украина (од лигата А), Црна Гора, Ерменија, Словенија и Албанија (од лигата Ц)
Лига Ц
Северна Ирска, Словачка, Турција, Бугарија (од лигата Б), Фарски Острови и Гибралтар (од лигата Д)
Лига Д
поразените од плејофот: Кипар – Естонија и Молдавија – Казахстан


ЛИГА Ц, ГРУПА 2

Ерменија – Македонија 1-0
Грузија – Естонија 0-0

ТАБЕЛА
Ерменија 6 3 2 1 9-6 11
Македонија 6 2 3 1 9-8 9
Грузија 6 1 4 1 6-6 7
Естонија 6 0 3 3 5-9 3