Неколку општини денеска без струја

Поради веќе планирани технички зафати во електросистемот на Скопје, за денеска „ЕВН Македонија“ најавува неколкучасовни исклучувања од мрежата на корисниците во делови од општините Карпош, Ѓорче Петров, Сарај и Сопиште.
Во периодот од 12 до 15 часот струја ќе немаат жителите од улицата Наум Евро, и тоа парните броеви, од бројот 2 до бројот 14 во Општина Карпош. Четири часа без напојување со електрична енергија во интервал од 9 до 13 часот ќе бидат корисниците од бројот 6 до бројот 46 на улицата Кичевска во Општина Ѓорче Петров.
Во периодот од 9.30 до 14.30 часот струја ќе немаат дел од жителите од селото Љубин во Општина Сарај, додека седумчасовно исклучување од мрежата во периодот од 8.30 до 15.30 часот ќе имаат жителите од селото Добри Дол во Општина Сопиште.

Бутел вчера без вода

Дел од Бутел вчера неколку часа остана без вода, а жителите беа револтирани што во вакви екстремни услови, кога Владата препорачува строги мерки за одржувањето на хигиената, тие немаат вода. Велат дека во петокот седум часа останале без струја, а во саботата осум часа биле исклучени од електросистемот, по што имале одмрзнати фрижидери полни со храна. Згора на сето ова, тие велат дека вчераутро останале и без вода, а децата се дома и семејствата се оневозможени да ја одржуваат хигиената. Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ смируваат дека не се работи за зафати што можеле да се одложат, туку за дефект.
– Имено, се работеше за дефект во полициската станица во Бутел, кој доколку не го саниравме, граѓаните сѐ уште ќе немаа вода. Водоснабдувањето сега веќе е нормализирано во 10.30 часот – информираа вчера од ЈП „Водовод и канализација“.
Некои од медиумите ја пренесоа информацијата на „Водовод“ дека поради замена на трафопрекинувач во трафостаницата лоцирана во ПЦ-Бутел прекин во водоснабдувањето ќе имаат корисниците од населбите Бутел 1 и Бутел 2, во периодот од 9 до 12 часот, но, за среќа, зафатот е завршен за пократко време.