Прилеп

Подолг временски период, ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп активно работи на повеќе локации низ градот, менувајќи ги старите азбестни цевки со нови полиетиленски, поставувајќи фекална канализација и нови приклучоци за домаќинствата.
– Моментално на улицата Јоска Јорданоски ја заменуваме старата водоводна линија долга над 500 метри со нова полиетиленска, 330 метри секундарна линија со дијаметар фи-90 каде што се вбројуваат 36 куќни приклучоци и еден приклучок во зградата „Табана“ за околу 30 корисници. По завршување на активностите на оваа улица продолжуваме на следната Кеј Први мај каде што ќе пуштиме нова полиетиленска цевка во должина од околу 70 метри, со нови седум приклучоци за квалитетно водоснабдување на населението.

Претходно завршивме со нова канализациска линија на улицата 3 Ноември, а ќе продолжиме и со активностите за замена на старите со нови водоводни линии на булеварот. Напоредно на улицата Савска продолжуваме со изведување на канализацијата, со намера сите домаќинства во Прилеп да имаат фекална канализација – вели Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“.
Првиот човек на претпријатието напомена дека на улицата Архимедова во функција е ставена атмосферска канализација, заменети се повеќе од 200 метри водоводна линија со нови полиетиленски цевки, а во најскоро време ќе се врши изведба на нова фекална линија во должина од 100 метри.

ЈКП „Водовод и канализација“ за една година има сменето од осум до 10 километри водоводни линии, а ќе продолжи и понатаму за поквалитетно водоснабдување на прилепчани.