Со директно испитување на вториот „свиркач“ Ѕвонко Костовски денеска во скопсиот Кривичен суд продолжи рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство.

-Имав можност за креирање  профили, кориснички сметки, случаи и потслучаи, но никогаш немам маркирано броеви, освен при проверка на системот кога го маркирав мојот број за да проверам дали работи системот или не- рече Костовски, кој бил топ-администратор на системот за следење на комуникациите.

Костовски заедно со Ѓорѓи Лазаревски, како разузнавачи од Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК, Зоран Верушевски.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.