Рускиот министер за надворешни работи ја предупреди Турција за, како што рече, обид за зајакнување на „милитаристичкото расположение“ во Украина, откако Анкара ја засили соработката со Киев.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поддржа Киев минатиот месец, во услови кога се распоредуваа руски сили долж границата со Украина.

Ердоган тогаш рече дека Турција, членките на НАТО и Украина започнале платформа во која министрите за надворешни работи и одбрана ќе разговараат за воената соработка, но додаде дека тоа „во никој случај не е потег против трети земји“ .

– Силно им препорачуваме на нашите турски колеги внимателно да ја анализираат ситуацијата и да престанат да го разгоруваат милитаристичкото расположение на Киев – рече рускиот министер за надворешни работи во интервју за руски медиуми.

Тој истакна дека поттикнувањето на „агресивна“ украинска акција против Крим, која беше анектирана од Русија, претставува нарушување на територијалниот интегритет на Русија.

– Се надеваме дека Анкара ќе ја прилагоди својата линија на дејствување врз основа на нашата легитимна загриженост – рече тој.

Турција, како и остатокот од НАТО, ја критикуваше анексијата на Крим во 2014 година и го поддржа територијалниот интегритет на Украина, која се бори против проруските сепаратисти во источна Украина.

Во 2019 година Турција и продаде беспилотни летала на Украина. Сепак, таа соработува со Русија во Сирија, Либија и Нагорно Карабах, додека соработката постои и во секторите одбрана и енергија.

Односите Русија-Запад се на најниско ниво од Студената војна, анализираат западните медиуми.