Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска нивната воена авијација извела воздушни напади врз борците кои, според Москва, се одговорни за напади со проектили со хлор во Алепо.

Портпаролот на Министерството за одбрана генерал-мајор Игор Конашенков изјави дека при руските напади уништени се сите цели. Тој дополни дека Москва претходно ја предупредила Турција за планираното бомбардирање.

Претходно денеска, Москва ги обвини бунтовниците дека при нивниот напад биле отруени 46 луѓе, вклучително и осум деца. Според сириската државна агенција САНА, бројот на повредени е 107.