Промовирана стихозбирката „Песни“ на младата Тамара Ангеловска

Во библиотеката „Кочо Рацин” при Национална установа Центар за култура, Крива Паланка, синоќа беше промовирана дебитантската збирка поезија на младата 15-годишна кривопаланчанка Тамара Ангеловска, ученичка во прва година во средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, Крива Паланка. Книжевното првенче, стихозбирката „Песни” е во издание на „Дата песнопој”, Битола.

– Настанот е дел од програмата на нашата установа за месец ноември во областа на книжевната дејност, а промоцијата е уште еден чекор во исполнување на обврската да се биде поддржувач и промотор, меѓу другото, на младите надежни, талентирани и перспективни творци од сите уметности – изјави Мира Ѓоргиевска, директорка на НУ Центар за култура, Крива Паланка.

Промотор беше поетесата Оливера Станковска, која ја распосла пред бројната публика поезијата обликувана со сите чувства на млад творечки занес.