Донесувањето закони за формирање војска на Косово е еден психолошко-пропаганден момент, кој им дава тежина на преговорите со Белград, и претставува истакнување јасен став дека нема поделба на територијата

Одлуката на косовското собрание да усвои неколку закони со кои се отвора простор за формирање војска на Косово предизвика голема политичка и дипломатска офанзива во Белград. Иако на прв поглед изгледаше дека реакциите се релативно скромни, изјавите и дипломатските средби покажуваат дека во Србија многу сериозно го третираат овој чекор на Приштина,
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, предупреди дека формирањето на косовската војска и нејзиното стационирање на северот на Косово ќе претставува голем проблем. Србија во своите реакции се повикува на Резолуцијата 1244 на ОН, Бриселската спогодба и други договори со НАТО, и напоменува дека во овие документи нема ни збор за формирање на косовската војска. Но дека има промена на состојбата, беше јасно од изјавата на вршителот на должноста на заменик-помошник на државниот секретар на САД за европска и евроазиска политика, Метју Палмер, кој по средбата со Вучиќ изјави дека САД ја поддржува транзицијата на Косовските безбедносни сили во војска, пишува во текстот објавен на „Дојче веле“.

Аналитичарите во Белград, пак, сметаат дека усвоените закони за војска на Косово се само обични декларации. Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи, за „Дојче веле“ вели дека споменатите закони не значат ништо во практиката и дека наместо Косовски безбедносни сили ќе има косовски оружени сили.

– Првото прашање е зошто се случува ова сега, бидејќи Европската Унија беше против такви потези. Мислам дека ова не е добро, затоа што повеќе од една година немаме суштински преговори меѓу Белград и Приштина. Се чини, зад сето ова стои некој обид за јакнење на национализмот наспроти внатрешните политички превирања на Косово, за да може сега да се каже еве сега имаме и војска – вели Бешири.

Воено-политичкиот коментатор, Александар Радиќ, истакнува дека овој потег може да се гледа и како порака до Србија дека нема повеќе враќање од патот на независноста на Косово.

– Оној момент кога ќе се донесе закон во кој пишува дека основната задача на оружените сили за заштита на територијата на Косово, тогаш е јасно дека тоа преминува во нешто од кое нема отстапување од албанската страна. Тоа е еден психолошко-пропаганден момент, кој им дава тежина на преговорите со Белград, и претставува истакнување јасен став дека нема поделба на територијата – оценува Радиќ.

Аналитичарот Наим Лео Бешири смета дека Србија нема некои поголеми ингеренции во овој процес, освен преку дејствувањето на Српската листа и преку српските пратеници во косовскиот парламент. Можеби ова е само вовед и желба на одредени членки во Советот на безбедност, УНМИК и КФОР да се повлечат од Косово, а на тој начин за безбедноста на граѓаните да се задолжат оружените сили на Косово, проценува Бешири.

Приштина на овој начин го загрозува дијалогот и процесот на преговори, посочува Александар Радиќ.

– Политиката на властите во Приштина е сѐ повеќе наметнување на политика на завршен чин. Ако со вакви чекори подвлекувате нови преговарачки позиции, очекувано е и другата страна да се сомнева во вашата добра намера. Затоа и овој потег на косовскиот парламент може да се набљудува и како целосно отсуство на волја за компромис – вели Радиќ.

Моментот за усвојување на овие закони во Србија се толкува и како забрзано повлекување на земјите од регионот во НАТО. По зачленувањето на Црна Гора на ред е Македонија, а формирањето војска на Косово се гледа само како подготовка на теренот за идното влегување на Косово во НАТО, што е долгорочна цел на косовските политичари.