Членовите на Собранието ќе добиваат пониски износи за патни трошоци со измените на Законот за пратеници, кои вчера беа изгласани со 76 гласа „за“ и еден „воздржан“.
Со законските измени наместо досега утврдените до 30 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото што се користи, пратениците ќе добиваат надомест до 20 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото што се користи.
Во согласност со измените на Законот, на пратениците им се овозможува и надомест за закупнина на стан во Скопје.

Конкретно, на пратениците што живеат подалеку од 100 километри од Собранието, им се остава и можноста за закуп на стан, со право на надомест за само четири патувања месечно од и до нивното место на живеење, за да може да контактираат со гласачите.
Пред гласањето, пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и со измените и дополнувањата на законот повторно се злоупотребува европското знаменце, но додаде дека пратениците од нејзината пратеничка група ќе го поддржат бидејќи им биле прифатени амандманите со кои, како што кажа, им се излегува во пресрет на такси-превозниците. Во реплика Диме Велковски од СДСМ наведе дека со измените само се врши усогласување со европската легислатива.