Младите и исклучително талентирани пијанисти, Сун Хи Јоу од Северна Кореја и Италијанецот Марко Чампи, настапија во црквата „Света Софија“ во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. Нивниот концерт претставуваше вистинско уживање за љубителите на уметноста, кои со огромно внимание го проследија музичкиот настан, но и го наградија со бурни аплаузи.
Пијанистката Сун Хи Јоу од Јужна Кореја, која живее во Рим, се сретнала со својот колега Чампи пред 10 години на музички натпревар каде што организаторот, слушајќи ги како свират пијано, им предложил да свират заедно.

– Среќни сме што сме тука и ни претставува огромна чест да настапуваме на овој високореномиран фестивал. Прекрасно е да се свири пијано заедно со Марко Чампи зашто двајцата музицираме на свој начин, па и во програмата се чувствуваат и женственост и мажественост. Бевме среќни и синоќа кога ги изразивме нашите мисли и емоции преку музиката пред публиката на овој прекрасен фестивал – вели Сун Хи Јоу, која првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.
Пијанистот Марко Чампи беше дел од фестивалот пред три години заедно со својот колега и сонародник, Алберто Пицо и со легендарниот композитор на филмска музика, оскаровецот Луис Бакалов, кој почина минатата година.

– Среќен сум што повторно музицирам во прекрасната црква со акустика што плени. Бев дел од фестивалската програма во 2015 година кога настапив со Алберто Пицо и со Луис Бакалов, кој, за жал, почина минатата година, и синоќешниот концерт во Охрид му го посветив токму нему. Со Сун свириме две години заедно. Имаме различна програма како оваа со која настапивме на „Охридско лето“ – вели Чампи, кој дипломирал со највисоки достигнувања на престижниот конзерваториум „Сан Пјетро а Мајела“.
Пијанистката Сун Хи Јоу е една од највозбудливите изведувачи во подем, која постојано ја воодушевува публиката низ светот. Уште од самото нејзино деби, таа од дете-гениј прераснува во комплетен музички артист со изразена експресивност и техничка зрелост во свирењето.