Постапката за набавка на обрасци за лични документи е во тек, изјави дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

– Во интерес на вистинито информирање на граѓаните и спречување дополнителни тензии наметнати од непромислената изјава на техничкиот министер, побарав информација од службите во врска со нарачката на личните документи со новото уставно име и ме известија дека: согласно склучената Рамковна спогодба за јавна набавка за лични документи, а потоа и договор за нарачка според кој е исплатен аванс од 20% од вредноста на договорот, постапката за набавка е во тек – објави Петровска.

Таа наведува дека проектните тимови на МВР и „Веридос“ се во постојана комуникација и работат на дефинирање на конечниот изглед. Петровска вели дека роковите за нарачка не се истечени и штом се дефинира конечниот изглед и истиот се одобри од страна на Управниот комитет и се уреди во подзаконски акт, ќе се потврди нарачката и обрасците ќе бидат испорачани.

– Истовремено, упатувам апел во иднина информациите кои ќе се изнесат во јавност да бидат проверени и потврдени од стручните служби во министерството – вели Петровска.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, денес извести дека на располагање имаат 3.400 пасоши. кои ќе се издаваат само на ургентните случаи сè до 24 март кога очекуваат да пристигнат 100.000 нови обрасци за пасоши.

Тој уште еднаш повтори дека проблемот го направил неговиот претходник Оливер Спасовски, кој не ги испланирал потребите на граѓаните и не обезбедил доволен број патни исправи. Апелира Владата да најде начин да го пролонгира важењето на истечените пасоши шест месеци од денот кога ќе пристигнат новите патни исправи.

Иако МВР размислуваше да забрани поднесување барања во редовна постапка поради недостигот на обрасци, министерот денес рече дека одлучиле привремено да го блокираат системот. Граѓаните во редовна постапка може да поднесуваат барања и да се сликаат и покрај тоа што новите обрасци се очекуваат на 24 март.