Нема докази што би укажале дека изборот на новиот претседател на Интерпол е нелегитимен, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Изборите се одржани. Во овој момент немам информации за какви било факти што би можеле да доведат до преиспитување на неговиот легитимитет. Изборите се одржани и ова е нивниот резултат – истакна Песков.

На денешното продолжение на заседанието на Генералното собрание на Интерпол, што се одржува во Дубаи, за нов претседател на Меѓународната полициска организација беше избран Јужнокореецот Ким Џонг-јанг. За изборот на Ким гласаа повеќе од дветретини од членките на Организацијата.

Противкандидат на Ким за претседателската функција беше ветеранот на руските безбедносни служби Александар Прокопчук, против чиј избор се изјаснија САД, Велика Британија и неколку други западни земји, со образложение дека доколку тој стане претседател на Интерпол постои опасност за злоупотреба на меѓународниот систем за издавање на „црвени потерници“ од страна на Русија за прогон на политичките противници на Москва.

Во пресрет на гласањето за избор на новиот претседател на Интерпол, група американски сенатори излегоа со заедничко соопштение, во кое повикаа на „спречување на изборот на Прокопчук“ за прв човек на Организацијата.

Претходно, и американскиот државен секретар Мајк Помпео упати апел до „сите земји членки на Интерпол, кои се залагаат за почитување на правната држава“ да гласаат за избор на Ким за претседател.

Ваквите пораки Москва ги оцени како „отворен притисок и мешање во процесот за избор“ на претседател на Интерпол.