Софија – Партиите и коалициите во Бугарија за 20 дена потрошија рекордна сума средства за медиумско претставување – 3.518.725 лева (1.800.000 евра) без ДДВ. Ова е вкупната вредност на договорите склучени од 24 март меѓу политичките субјекти и медиумите за овие парламентарни избори, што се предмет на мониторинг на Институтот за развој на јавната животна средина во Бугарија. Сумата издвоена од учесниците во оваа кампања за медиумско покривање во првите 20 дена е значително поголема од набљудуваните кампањи за парламентарните избори во 2017 година. („Капитал“)

Загреб – Во последните 24 часа се евидентирани 1.802 нови случаи на зараза со вирусот САРС-КоВ-2, а бројот на активни случаи во Хрватска е вкупно 9.052, од нив 115 пациенти се на апарати за дишење, додека 16 лица починале. Од 25 февруари 2020 година, кога е регистриран првиот случај на инфекција во Хрватска, регистрирани се вкупно 264.111 лица заразени со новиот коронавирус, од кои 5.854 починале. („Индекс“)

Сараево – На Одделот за клиничка микробиологија на Универзитетскиот клинички центар на Република Српска се изолирани британскиот и јужноафриканскиот вид на новиот коронавирус. На овие видови биле позитивни 62 примероци, а еден примерок бил позитивен дури и на двата вида. Тестирањето било извршено на 93 позитивни примероци со тестови наменети за идентификување на британскиот и јужноафриканскиот вид. („Аваз“)


Бисер балкански

Партиски лепчиња

– На амбалажата на производот нема никаква декларација, кој е производител, рок на траење, кој состав. Нема никаков податок освен „фамозното“ лого. Внесувањето ваков вид храна во градинката е забрането. Дали е ова порака до родителите? Значи, ако им посакувате добро на своите деца зачленете се во ХДЗ! Ова се случува сега во предизборно време – изјави револтиран родител, по преземањето на детето од градинката во Дрниш, во која биле делени велигденски лепчиња со логото на ХДЗ и со текст „Среќен Велигден ви посакува ХДЗ Шибенско-книнска жупанија“.
Во изјава за „24 вјести“, раководителката на градинката, Нивеска Влаиќ, рече дека „во периодот пред Велигден се примаат и прифаќаат сите донации, без разлика на тоа кој е донаторот“. Од ХДЗ негираат дека тие се донаторите и изјавуваат дека тоа е иницијатива на еден партиски разгранок во Дрниш.