Ретроспективната изложба на академскиот сликар Решат Амети со наслов „30 години уметност“ е отворена во „Даутпашиниот амам“. Во почетокот на 90-тите години од минатиот век, Решат Амети сериозно се наметна со своите изложби во македонскиот, а во годините потоа и во глобалниот ликовен простор со своите истражувања во сферата на сликарскиот израз, каде што публиката и критичарите забележаа дека неговите дела содржат нешто посебно во изразот и дека е можно да се насетат големи уметнички достигнувања што ќе следуваат во иднина (всушност својата прва изложба ја има во Виена во 1990 година, така што може да се каже дека овој процес е инверзен).
– Триесет години подоцна тезата за исклучителноста и посебноста на сликарскиот ракопис се потврди преку многубројните студиозно профилирани изложби во кои постепено се градела идејата на уметниковата врска со исконските елементи на животот и природата од неговото опкружување. Уште од најраните дела, кои ги карактеризира геометризмот, апстрактноста, минимализмот и редуцираната знаковност, прочистениот вокабулар и лишеност од секој одвишен детаљ во третманот на сликата, се насетува „избрусен“ ликовен израз, кој може да биде сфатен како продукт на авторовата воздржана, но софистицирана фокусираност на истакнување на суштината на нештата, беспрекорност во реализацијата, а над сѐ со вонредно чувство и познавање на својствата на боите. Тој во осцилирањето помеѓу префинетата сликарска содржина, која содржи повторување, но во основа слоевита разноличност доживеана интуитивно, со чувство за рамнотежа помеѓу елементите и повеќезначноста, до денес изградил специфичен и за нашата ликовна сцена автохтон ликовен јазик – се вели во текстот за изложбата.