Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа вонреден работен состанок со сите шефови на дипломатско-конзуларните претставништва, со цел подготовка за спроведување на активностите во нивните надлежности поврзани со претстојниот попис.

На состанокот присуствуваа и директорот и заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симевски и Иљми Селами.

– Од 1 март започнува оваа важна статистичка операција, токму со вас како дипломати и за вашите семејства; дополнително, истата процедура ќе треба да се примени и за лицата кои престојуваат во странство по која било основа. Во следните 50 дена ова треба да претставува врвен приоритет на работата на дипломатската мрежа, со цел да им обезбедиме соодветни услови на пописните органи да ја завршат оваа обврска – истакна Османи.

– Жалам што донесувањето на законот доцнеше од неоправдани причини, што како институции нè доведе во состојба со забрзано темпо да се подготвуваме за квалитетно да ги пресретнеме обврските, но барам од вас, и очекувам, преку вонреден капацитет од страна на дипломатската мрежа, да ги надминеме овие предизвици и да им обезбедиме поддршка на пописните органи – посочи министерот за наворешни работи.

Според него, пописот е добар пример за да се демонстрира одговорност и посветеност кон дијаспората, која има важна улога во севкупните процеси на земјава.

За лицата кои имаат место на живеење во Република Северна Македонија, а за време на спроведувањето на пописот се на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, како и членовите на нивните семејства кои со нив престојуваат во странство ќе се спроведе, пописот ќе биде во периодот од 1 март до 15 март 2021 година, додека самопопишувањето на нерезидентното население, но и сите други државјани кои по кој било основ престојуваат во странство ќе почне од 01 март и ќе трае до 21 април, 2021 година, информираат од Министерството за надворешни работи.