Земјите од регионот го олеснија влезот на странските туристи, по одлуките на националните штабови за справување со епидемијата на коронавирусот, што ги донесоа по намалувањето на бројот на новозаболени лица. Грција е меѓу првите земји што официјално и во практика го воведува европскиот дигитален ковид-сертификат.
Во согласност со објавениот акт, дигиталниот ковид-сертификат содржи информации за состојбата на физичкото лице, односно за оној што го поседува, во случај на вакцинација, резултат од последен брз молекуларен тест или ПЦР-тест или прележан ковид-19.
За сите три опции се вклучени основните лични податоци, како што се име и презиме и датум на раѓање. Во случај на вакцинација, неопходни податоци се вид на вакцината, производител, број и датум на примените дози.
За втората опција, односно негативен резултат од направен тест, сертификатот содржи податоци за видот на тестот, производител на тестот, датум на спроведување и установа во кој бил направен, како и резултатот. Доколку лицето што го поседува сертификатот прележало ковид-19, тогаш е потребен податок за датумот на позитивен резултат.
Во Бугарија, Хрватска и во Словенија се прифаќаат сите вакцини, позитивен ПЦР не постар од девет месеци и негативен не постар од 72 часа. Се прифаќа и негативен антигенски тест. За влез во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Албанија не е потребна никаква документација за вакцини, а може да се патува и со лична карта.