Инвестицијата за овој проект е околу 16 милиони денари

Крива Паланка

Поволните временски услови во Крива Паланка ги интензивираа градежните активности за реконструкција и санација на стариот пат кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Завршена е подготвителната фаза од проектот за реконструкцијата и обновата на стариот пат и се очекува во следниот период да се започне со нанесување комплетно нов слој асфалт, со дебелина од седум сантиметри.

– Во оваа фаза веќе се поставени нови рабници, асфалтни риголи и се врши надградба на постојните банкини, а наедно интензивно се работи и на изградбата на потпорниот ѕид во должина од 33 метри. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект е околу 16 милиони денари, а изведувач на градежните активности е економскиот оператор „Стоименов“ ДООЕЛ од Кочани – велат од Општина Крива Паланка.

Надлежните информираат дека за тоа како се одвиваат градежните активности и дали навремено и квалитетно се изведуваат на терен, лично се информирал и градоначалникот Борјанчо Мицевски, кој, според динамиката, очекува дека работите ќе бидат финализирани во предвидениот рок.