Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не по врат, туку по шија. Иако само пред една седмица ковид-пасошот беше отфрлен како опција од повеќето ЕУ-членки, идејата повторно се навестува во ново пакување. Македонското министерство за здравство сѐ уште нема детали за воведување т.н. „стандардизиран“ сертификат за вакцинација (или ковид-пасош), зашто, како што посочува, тоа засега е само размислување на многу земји во светот. Дали ако ова стане реалност, патувањето во странство за македонските граѓани ќе стане сериозен проблем, со оглед на тоа дека овде сѐ уште нема вакцини? Дали и Македонија ќе се приклучи на оваа иницијатива, иако засега нашите граници се отворени?

Слободниот проток на луѓе ограничен со имунизацијата

Сѐ поизвесно станува дека патувањето преку граница оваа година ќе зависи од тоа дали некој има имунитет на ковид-19 или не? Голем дел држави во Европа и во светот веќе повторно и сериозно ја разгледуваат опцијата за, едноставно речено, вакцинациски пасош како услов за влез. Идејата повторно ја разигрува Грција, која прашањето го подига на ниво на Европската Унија, а целта е да си обезбеди безбеден масовен туризам ова лето. И повторно се отвора дилемата дали лица со имунитет ќе бидат само оние што примиле вакцина или и оние што веќе го прележале вирусот. Дали ако ова стане реалност, патувањето во странство за македонските граѓани ќе стане сериозен проблем, со оглед на тоа дека овде сѐ уште нема вакцини? Дали и Македонија ќе се приклучи на оваа иницијатива, иако засега нашите граници се отворени?
Македонското министерство за здравство сѐ уште нема детали за воведување на популарно наречениот ковид-пасош, зашто, како што посочува, тоа засега е само размислување на многу земји во светот.
Веќе е јасно дека секој што ќе биде вакциниран ќе добие потврда за уредна вакцинација што ќе служи како доказ за вакцинација.
Сѐ уште не е јасно и дали односно во каков облик ќе се донесе интернационално решение, односно форма за сертификат за ковид-вакцинација.
Светската туристичка организација на Обединетите нации минатата недела ги повика земјите да усвојат дигитални пасоши за вакцинација со кои граѓаните повторно би патувале.
Ана Марија Алексова, сопственичка на туристичка агенција, вели дека сѐ уште се во исчекување на дефинирањето на состојбите во другите земји, зашто работите се менуваат од ден на ден.

– Се надеваме дека пред летните одмори ќе можеме да направиме договори барем со соседните земји, како и со Турција и Египет. Независно дали тоа ќе биде со ПЦР-тестови или со брзи тестови на граница. Очекуваме дека земјите што работат со туризам оваа година нема да дозволат да работат со загуби. Земјите во Европската Унија, секако, ќе имаат посебни протоколи, па се надеваме дека ќе имаме опции за билатерални договори – објаснува Алексова.
Членките на Европската Унија лобираат за „пасош за вакцинација“, а Брисел даде примарна поддршка на идејата. И другите земји направија чекори кон овозможување неограничен или помалку ограничен влез на оние што се вакцинирани против вирусот. На пример, Израел има цврсти планови да лансира таков пасош.
Многу земји може да ги отворат границите за имунизираните туристи, врз основа на распоредот на вакцинацијата, економската зависност од туризмот и поддршката за пасошите за вакцини.
– Земјите на ЕУ треба да усвојат „стандардизиран“ сертификат за вакцинација за да ги зголемат патувањата – рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во писмото до шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Мицотакис рече дека луѓето што биле вакцинирани треба да можат слободно да патуваат.
– Итно е да се донесе заедничко разбирање за тоа како треба да се структурира потврдата за вакцинација, така што ќе биде прифатена во сите земји-членки – рече тој, повикувајќи на стандардизиран сертификат што ќе докаже дека некое лице е успешно вакцинирано.

Сејшелите и Романија повторно ги отворија вратите за посетители што примиле две дози одобрена вакцина против ковид-19.
Исланд, исто така, планира да се откаже од правилата за карантин за посетителите со меѓународен сертификат за вакцини (тоа веќе го прави за патниците што можат да докажат дека претходно го прележале вирусот). Земјата треба да го финализира системот за Исланѓаните што биле целосно вакцинирани да добијат сертификат за вакцинација. Сепак, нема објавено таков документ за луѓето што се вакцинирале во Велика Британија, иако „Телеграф“ пишува дека британската влада финансира осум шеми за пасоши за вакцини.
Обединетите Арапски Емирати се на второто место во светската трка за имунизација на населението. Дубаи специјално сакаше да ги пречека туристите во 2020 година, отворајќи се во јули и дозволувајќи влез со краток карантин и негативен ковид-тест. Оттогаш, ова е променето со негативен ковид-тест направен не повеќе од 96 часа пред поаѓањето. Придонесот на патувањето и туризмот во економијата на ОАЕ е 10 отсто.

Неодамна авиокомпанија од ОАЕ лансира пасош за вакцина. Во партнерство со Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, „Емиратите“ се една од првите авиокомпании во светот што го следат „ИАТА травел пасс“, кој доаѓа во форма на мобилна апликација. Тоа ќе им овозможи на патниците да создадат дигитален пасош за да го потврдат нивниот ковид-тест пред патувањето или вакцинирањето.

[email protected]