Пјонгјанг – Северна Кореја истрела неидентификувани проектили кон Источно Море, соопшти Генералштабот на армијата на Јужна Кореја, пренесе АП. Ова е најновото ракетно тестирање од страна на Пјонгјанг во време кога светот е во криза предизвикана од пандемија на коронавирусот. Не е наведено колку проектили се лансирани. Доколку се потврди дека е истрелана балистичка ракета, тоа ќе биде четврта едноподруго во март, во време на севернокорејските воени вежби што обично ги надгледува водачот Ким Јонг-ун.

Вашингтон – Претседателот на САД Доналд Трамп одлучи дека нема потреба од карантин во Њујорк. Тој претходно ја најави можноста за затворање на Њујорк и делови од Њу Џерси и Конектикат како мерки во борбата против новиот коронавирус. Гувернерот на Њујорк Ендру Куомо, изјави дека затворањето ќе биде „смртоносно и антиамериканско“. Тој додаде дека Њујорк ги спровел мерките на карантин, како забрана за големи собири и им наредил на луѓето да останат дома, но оти е против „затворање“.

Каракас – Побарувањата за бензин станаа болка за Венецуелците во последната недела, откако Владата на Венецуела спроведува карантин на целата земја за да спречи ширење на новиот коронавирус. Долгите редови на возила што чекаа со часови на различни бензински пумпи се вратија оваа недела во Каракас и се зголемуваат постојано во целата земја. Американските санкции, дел од притисокот да го тргнат социјалистичкиот претседател Николас Мадуро од власт, ја отежнуваа Венецуела за увоз на гориво, што резултира со широко распространет недостиг од бензин.

Ватикан – Ватикан објави дека тестовите на папата Франциск и неговите најблиски соработници се негативни на коронавирусот. Во Ватикан биле тестирани 170 лица, а шест од нив биле позитивни. Според портпаролот Матео Бруни, папата бил тестиран во средата, откако кај религиозен службеник, кој со години живее во истата резиденција, било потврдено присуство на вирусот.