Фото: Игор Бансколиев

Според досегашните анализи, резервите на јаглен се очекува да бидат доволни за да се обезбеди сигурна работа на постојните термоблокови на ТЕ „Битола“ во целиот проектиран век на работа, до крајот на 2034 година

Во последниве години сѐ помасовно се зборува за поголемо искористување на обновливите извори на енергија и придобивките од нив, но, сепак, за стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија експертите се согласни дека без производство на енергија од јаглен или друга базна енергија не се може. Во Македонија најголем дел од електричната енергија се добива од јаглен, па сосема е очекувано прашањето со колкави и какви резерви на јаглен располага државата.

– Во моментот сите количества на јаглен потребни за производство на електрична енергија се обезбедуваат од домашни извори. Според досегашните анализи, резервите на јаглен се очекува да бидат доволни за да обезбеди сигурна работа на постојните термоблокови на ТЕ „Битола“ во целиот проектиран век на работа, до крајот на 2034 година – велат претставниците на Министерството за економија.
Од Министерството истакнуваат дека приоритетите на Владата на Република Македонија во енергетскиот сектор се поврзани со националните цели за сигурност и развој и вклучуваат сигурно снабдување со енергија, одржлив економски развој и конкурентност на економијата.

– Во изминатиот период е обезбедена сигурноста во снабдувањето и се планира така да се продолжи и во наредниот период, преку преземање конкретни мерки и активности, за да нема пречки во снабдувањето на потрошувачите со различни видови енергија, во согласност со стратегиските определби на Владата на Република Македонија и обврските преземени со Договорот за основање на енергетската заедница, како и со Парискиот договор, според кои, приоритетот е ставен на одржливиот развој, односно зголемено искористување енергија од обновливи извори на енергија и примена на мерки за енергетска ефикасност, а се со цел за намалување на климатските промени – објаснуваат од Министерството.

Оттаму истакнаа дека истовремено интензивно се работи на диверзификација на изворите на енергија и посочија дека се во тек инвестициски проекти за гасификација на државата, како и активности за зголемување на искористувањето енергија од oбновливи извори на енергија, преку воведување мерки за поддршка што се пазарно ориентирани во согласност со новиот закон за енергетика.

Според последното соопштение на Државниот завод за статистика за август, бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 81,2 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 96 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

– ЕЛЕМ во моментов ископува јаглен од неколку локации во рамките на своите термоцентрали, а ископот се врши во континуитет и ги задоволува потребите за производство на електрична енергија. Исто така, се вршат анализи за можни нови наоѓалишта на јаглен уште на неколку локации, особено во битолскиот регион – велат од АД ЕЛЕМ.

Од компанијата додаваат дека квалитетот на јагленот е променлив, поради што се врши хомогенизирање на јагленот, односно мешање јаглен со различна калорична вредност, висока и ниска, додека да се добие оптималната вредност пред тој да биде пуштен во термоцентралата. Тие исто така ни посочија дека податоците за рудните резерви се во надлежност на Министерството за економија и тоа води регистар на издадени концесии за експлоатација, како и за резултати од истраги на нови наоѓалишта.

Во изминативе години државната компанија задолжена за производство на електрична енергија за домаќинствата инвестираше во повеќе проекти за производство на струја, и тоа од обновливи извори, а во најава се и нови инвестиции. Покрај проширувањето на ветерниот парк Богданци, беше најавена и изградба на фотоволтаична електроцентрала од ЕЛЕМ, но и изградба на нови хидроцентрали.

Сепак, многу експерти досега во повеќе наврати имаат посочувано дека без базна енергија не се може и дека мора да се размислува однапред многу години, па дури и да се прават планови за замена на РЕК „Битола“.
Она што се знае засега е дека во план е зајакнување на термоцентралите, но и модернизирање на РЕК „Осломеј“, за да има стабилно производство на струја, но и за зголемување на производството на електрична енергија во наредниот период.