Фантастичната вокалистка и музичар Лиса Герард, наградена со Златен глобус за музиката во филмот Гладијатор и нејзиниот последен проект на кој сорабутува со уникатниот женскиот хор од соседна Бугарија The Mystery Of The Bulgarian Voices, доаѓаат во Скопје. Концертот на „Lisa Gerrard & The Mystery Of The Bulgarian Voices“ е во организација на Младинскиот Културен Центар, а ќе се одржи во Македонската Филхармонија, на 8 октомври. Билетите се веќе во продажба преку продажната мрежа на МКЦ.

По потекло од Ирски емигранти, Лиса е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн, ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981 го создаваат уникатниот проект „Дед кен денс“ (Dead Can Dance), кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

Составот се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокали, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Лиса Герард и Брендан Пери својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење.

Во професионалната биографија на Лиса Герард се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл Гладијатор, таа и композиторот Ханс Зимер беа наградени со Златен Глобус.

Герард во Скопје доаѓа со нејзиниот последен проект на кој соработува со бугарскиот женски хор The Mystery Of The Bulgarian Voices. Хорот опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за прв пат слушна за овој хор на крајот на 80-те години на минатиот век, кога хорот го издава својот истоимен албум „Le Mystère des Voix Bulgares, vol. 2“ за кој ја добиваат престижната Греми награда во 1989 година. По речиси 4-децениско постоење доаѓа нивната соработка со маестралната Лиса Герард, со која создаваат една природна бајколика симбиоза, излегува албумот „BooCheeMish“, кој ги редефинира позициите на поимот World music и со својата уникатност буквално ја возбуди светската музичка сцена при нивните настапи во живо.