ЦЕНТАР

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) пушти во употреба две нови паркиралишта во состав на Зелениот пазар, во согласност со постигнатиот договор меѓу ПОЦ, Општина Центар, „Скопски пазар“ и пазарџиите од Зелениот пазар, за да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија“.
– ПОЦ го уреди „дивиот паркинг“ зад Зелениот пазар, кој беше во хаотична состојба и нефункционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на „Скопски пазар“ и постави нов систем за контрола со влезно-излезни рампи. Од ова неуредено паркиралиште, ПОЦ направи две функционални паркиралишта, едното паркиралиште е наменето за товарните возила на пазарџиите, а другото за жителите на ул. 11 Октомври бр. 16, 18, 20, 22, 24, 26 и 28 и бул. Кочо Рацин бр. 32 и 38. Со отворањето на овие паркиралишта, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови – информираат во Општината.
Како што кажа директорот на претпријатието Васко Кичевски, во наредниот период контролите на ова паркиралиште ќе бидат зачестени и сите нерегуларности ќе бидат санкционирани.
– Определивме простор за товарните возила што веќе е во функција и ако нашите контролори затекнат товарни возила надвор од затворениот простор, ќе бидат санкционирани. Правилата и редот ќе мора да ги почитуваме сите – рече Кичевски.