Филипинскиот претседател, Родриго Дутерте, го потпиша жестоко дебатираниот Законот за антитероризмот, неколку недели откако тврдеше дека бунтовничките групи што се борат против владата ја користат епидемијата на ковид-19, пренесува РТ.

Масовно поддржан од двата дома на парламентот на почетокот на овој месец, Актот за борба против тероризмот 2020 година сега го одобри и Дутерте, објавија локалните медиуми повикувајќи се на претседателскиот портпарол Хари Роке.

Законодавството формира нов субјект наречен Антитерористички совет, кој ќе може да ги овластува безбедносните сили да апсат осомничени терористи без судски налог и да ги задржуваат во притвор без обвинение до 24 дена. Постојните закони пропишуваат дека таквите притвореници мора да бидат изведени пред суд во рок од три дена.

Исто така, со законот се забранува поттикнување на другите да извршат тероризам преку говори, прогласи, списи, амблеми, транспаренти или други претстави со истата цел.

Припадниците на агенциите за спроведување на законот сега ќе бидат помалку одговорни за недолично однесување – од нив повеќе нема да се бара да платат приближно 10.000 долари за секој ден незаконски наметнат притвор.

Дутерте исто така вети дека ќе биде построг кон тероризмот и бунтовите. Во јуни, тој рече дека Абу Сајаф – локалниот огранок на Исламска држава – како и бунтовничката Комунистичка партија на Филипините ја злоупотребуваат кризата со Ковид-19 во своја корист.

Законот за антитероризам наиде на силно спротивставување од локалните групи за човекови права и активистите кои ја повикаа владата да ја промени мерката. Критичарите тврдат дека дефиницијата за тероризам е премногу нејасна и би можела да ги направи цел и оние кои едноставно не се задоволни од претседателот.

Одделот за внатрешни работи и локална самоуправа, кој ги надгледува националните полициски сили, ги отфрли овие грижи, уверувајќи го населението дека луѓето немаат што да се плашат од овој предлог-закон и дека од него треба да се плашат само терористите и нивните приврзаници.