Пронајден е масивен корален гребен одвоен од Големиот корален гребен во Австралија, велат научниците. Коралниот гребен висок 500 метри, повисок е и од зградата на Емпаер стејт во Њујорк и од кулите близначки „Петронас“ во Куала Лумпур, Малезија, пренесува Би-би-си.

Научниците го пронајдоа минатата недела, по 12 месеци истражување, одвоен од Големиот корален гребен близу Кејп Јорк. Пронајден е при тридимензионално мапирање на морското дно во оваа област. Ова е првиот гребен од ваков вид пронајден во овој регион од крајот на 19-от век, според научниците.

Тим од научници на брод во сопственост на непрофитната организација „Океанолошки институт Шмит“ со седиште во Калифорнија користел подводен робот за истражување на гребенот. Роботот „СуБастијан“ снимал со камера, а научниците го гледаа во живо и го објавиле на Јутуб.

– Силната комбинација на податоци генерирани со мапирање и проучување на подводни контури ќе послужи за подобро разбирање на новиот гребен во склоп на неверојатниот Голем корален гребен, кој е дел од светското наследство – изјавила Јотика Вирмани, извршна директорка на институтот.

Овој гребен е дом на 1.500 видови риби, 411 видови корали и десетина други животни. Бидејќи се простира на површина од 2.300 километри, од 1981 година тој е вклучен во списокот на светското културно наследство поради неговото „извонредно научно и суштинско значење“.