Владата ја донесе Програмата за економски реформи за периодот од 2019 до 2021 година во која се вклучени и 18 секторски структурни реформи за зголемување на конкуретноста и растот на економијата.

Од владината прес-служба информираат дека Програмата е петти документ изработен согласно насоките од Европската комисија.

– Програмата е изработена во согласност со Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година, Ревидираната Фискална стратегија за периодот 2019-2021 и Буџетот на Република Македонија за 2019 година, како и останатите национални стратешки документи. Исто така, програмата е во согласност со Стратегијата на ЕУ за брз, одржлив и сеопфатен економски развој „Европа 2020“, посочуваат од Владата.

На владината седница е прифатена и информацијата за потребата од обезбедување финансиски средства за изградба на железничката пруга од Крива Паланка до бугарската граница. Според информацијата, ќе се обезбедат дополнителни финансиски средства во износ од 345 милиони евра преку Министерството за финансии и Јавното претпријатие Македонски железници -инфраструктура.