Премиерата на претствата „Тетовирани души“ од Горан Стефановски во режија на Александар Малинков, која беше најавена за почетокот на минатиот месец, на големо
задоволство на кавадаречките љубители на театарот ќе се случи вечерва со почеток во 20 часот на сцената на домот на културата „Иван Мазов Климе“.

„Тетовирани души“ всушност е театарски проект на кавадаречкиот театар од минатата година за кој Министерството за култура одвои сума од 190.000 денари, меѓутоа поради пандемијата проектот беше ставен во мирување и сега ќе се реализира.

Последниот драмски текст на Горан Стефановски што се играл на сцената на кавадаречкиот театар беше „Диво Месо“ во 2012 година, открива режисерот Александар Малинков.

– Една од трите основни причини зошто се одлучив за драмскиот текст „Тетовирани души“ е затоа што за мене Горан Стефановски е најголемиот драмски автор кој го имала и се уште го има Македонија. Втората причина е тоа што сите негови претстави се безвремени и секогаш актуелни и најдобро ја отсликуваат самата срж на македонскиот живот и дух. Иако драмскиот текст е напишан 1985 година во дадениот момент е неверојатно актуелен. Пред премиерата која ќе се случи вечер кога сме целосно подготвени со актерите и целиот тим вклучен во претствата чинам дека уште посилно значење има мислата на Горан Стефановски. „Минатото никако да помине, иднината никако да дојде, а ние овде глумиме сегашност!“ Во оваа авангардна пиеса во која лагата е нормална состојба силно се изразени елементите на театарот на апсурдот во кој свтарноста е лишена од секаква смисла и оправдување. Во „Тетовирани души“ Стефановски ги соочува ликовите со апсурдот на сопствената егзистенција. За да ја надмине таа ситуација ликот на Македонецот во Америка е принуден да создава свои
митови кои на некој начин ќе му овозможат да преживее. Во широката палета на ликови на две генерации наши иселеници среќаваме различни животни судбини. Тешката носталгичност понекогаш затскриена зад патриотизмот се испрепрелтува со способноста или не, на ликовите да се снајдат во новата средина. Застапени се сите 24 слики од кои некои сцени ги правев надреално стриповски во црно-бел котраст во кој наеднаш бликнува интензивна боја од емоции. Сметам дека кај нас постои јаз меѓу тие генерации кои пред 50 и повеќе години заминале од Македонија и за нив таа останала таква каква што ја напуштиле и овие кои сега со сета надеж да најдат подобар живот заминуваат од Македонија. На денешните генерации можеби малку помалку им е болно заминувањето од дома бидејќи сега светот станува се помал со новите средства за комуникација. Иако не осудувам никој кој некаде заминал, сепак потсетувам на мудроста дека Каменот тежи таму каде што му е местото – вели Малинков.

Во претставата играат: Диме Коцевски, Диме Боцев, Никола Колев, Љупчо Настов, Милица Гочевска, Александар Малинков, Видан Станоев,Ребека Малиминовска, Сијче
Трајкова, Микица Илова, Стојанче Вангелов, Сашко Орешков, Пепи Ангелов, Зоран Станоев, Костадин Прокопиев, Методи Глигоров, Ана Ефремова, Димитар Илов, Бранко Најдов , Александар Видиков и балетското студио „Венус“. За музиката се погрижија Пепи Ангелов и Зоран Станоев-Дејзи. Костимите се на Сара Милевска, кореографијата е на Ана Балова, додека инспициент е Марјан Тодоровски. Ми.М.