Кога би се обидел да го опишам сегашниот политички момент во Македонија, би ги парафразирал зборовите на Чарлс Дикенс од пред речиси 160 години: ова е најлошото време, време на глупавост, епоха на празни и лажни верувања, епоха на превртливост, сезона на темнина, време без надеж, време на очај, имавме сè пред нас, а денес немаме ништо. И, би додал: ова е време на брак без идеологија што политичарите ја жртвуваа за нивен опстанок.
Велат дека идеологијата и демократијата се неразделни, згора на тоа тие се меѓусебно зависни и ниту една демократија не би преживеала без идеологија. Освен овој хибриден вид што како расад го негуваме во Македонија. Идеологијата е неопходен дел од човековото однесување и политика. Идеологијата е повеќе од само збир од нашите сопствени индивидуални политички убедувања.

Идеологијата на некој начин е како коалиција на идеи. Идеологијата го одредува политичкото однесување на партиите, политичарите, активистите и гласачите и длабоко го структурира начинот на кој гледаме на политичкиот свет. За жал, она што го гледаме е дека живееме во општество каде што идеологијата е ирелевантна. Каде што идеологијата станува валкан збор од кој ги полазуваат морници политичарите во Македонија. Секаде во светот идеологијата е пред политичката партија, освен кај нас. Исплакнати од идеологија нашите политичари се лоши готвачи што не се грижат каков вкус има нивната храна. Затоа ова што денес го голтаме од нивната политика има блуткав и горчлив вкус. Одвратен вкус на разочарување и предавство.
Улогата и значењето на идеологијата никогаш не биле целосна приказна на политичкиот спектар во Македонија. Никогаш не разбравме што ја создава идеологијата, како таа преживува и се приспособува во променливите политички околности и како нејзините пораки се пренесуваат од една на друга личност. Никогаш не разбравме што е тоа што некои ги прави либерали, а другите конзервативни, некои демохристијани, а други социјалдемократи. Сте се запрашале ли дали можете да се најдете во вредностите што се проектираат од политиката во македонското општество? Не верувам. Одамна веќе нема во што навистина да веруваме. Изгледа дека моќта и парите се единствената идеологија што ја познаваат нашите политичари и нивните следбеници. Македонската политика е едноставно идеологија на алчност и неспособност? А не предизвик да се освои моќта за да се пренасочат општествените вредности.

Отсуството на идеологија значи и недостиг од каква било јасна анатомија на односите на моќта. Политичките филозофии и идеологии се централно засновани врз погледот на работењето и дистрибуцијата на моќта во општеството и како тоа да се измени. Односите на моќта меѓу поединците и државата, компаниите и работниците, парламентот и Владата, производителите и потрошувачите, се испитуваат и критикуваат од лево и од десно. Кај нас дезиделогизираните политички партии никогаш не биле способни да се справат со нееднаквостите во моќта во општеството и никогаш не размислувале за правична распределба на истата таа. А како да размислуваат, кога единствена идеологија што ја имаат е располагање со моќта за да управуваат со парите на граѓаните. Неконтролирани од никого.
Затоа ниедна политичка партија досега не го смени начинот на размислување на нацијата. Вербалната превртливост на политичките лидери околу праведноста, одговорноста и вистината ја сведоа политиката на кревка трансакциска состојба, со непостојани потрошувачи како гласачи, лесно привлечени на еден или на друг начин од лагите и лажните ветувања. Особено, новиот приод во политиката на лидерот на „државотворните“ се потпира на клиентелистичката лојалност на неговите следбеници, што ниту е заснована на перформансите на политиката, ниту произлегува од заедничките верувања и солидарност. Неговата партиската идентификација оддамна не е веќе идеолошка идентификација. Лукративнa, да.

Кога управувате без јасен сет на принципи, лесно е да се „украде облеката“ на политичките противници речиси по своја волја. Затоа во македонскиот политички спектар веќе не разликувате што е десно, а што лево. Каде завршува конзервативизмот, а започнува социјалдемократијата. Кога идеологијата не ги обликува партиските коалиции, на цена се коалициските трговци. А со коалициските трговци го добивме најтоксичниот брак во македонската политика досега. Брак без идеологија е брак на недоверба, длабоки лични антипатии отворени за манипулации однадвор што спречуваат унифициран пристап кон проблемите што треба да се решаваат. Без идеологија, улогата на политичарите денес повеќе не е да убедуваат, туку само да продаваат. Нешто што оваа власт го прави маестрално. Нормално, на штета на народот.