Пред 1948 година Матијас никогаш не учествувал во атлетски десетобој, една од најтешките дисциплини. Тоа лето во Лондон се одржаа Летните олимписки игри, на кои тинејџерот Матијас само по неколкумесечен тренинг го освои олимпискиот златен медал во исцрпувачкиот натпревар од 10 дисциплини и стана најмладиот освојувач на златен олимписки медал во атлетика, во својот само трет настап во десетобојот

Олимписките игри се полни со спортски изненадувања, со неверојатни приказни, но можеби ретко која таква приказна за спортски успех може да се спореди со таа на Американецот Боб Матијас (1930-2006). Откако наполни 17 години, беше млад играч на американски фудбал, а неколку месеци подоцна стана спортски херој.
Пред 1948 година Матијас никогаш не учествувал во атлетски десетобој, една од најтешките дисциплини, во која има трчање, скокање и фрлање. Тоа лето во Лондон се одржаа Летните олимписки игри, на кои Матијас само по неколкумесечен тренинг го освои олимпискиот златен медал во исцрпувачкиот натпревар од 10 дисциплини.

Веднаш по Втората светска војна тој беше ѕвезда меѓу средношколците во атлетика, во дисциплини како што се фрлање диск, фрлање ѓуле, трки со пречки, скок во височина и во спринтови.
Како нов предизвик, тренерот му предложил на Матијас да ја прошири својата спортска разновидност и да се натпреварува во десетобој, во кој спаѓаат трките на 100, 400 и 1.500 метри, потоа трката на 110 метри со пречки, скокови во далечина, височина и со стап, како и фрлање ѓуле, диск и копје.
Матијас се согласил, иако имал само три недели да се подготви за настап на првиот следен митинг, во пролетта во 1948 година, и иако никогаш пред тоа не се натпреварувал во дисциплини како скок со стап, скок во далечина, фрлање копје или во трчање на 1.500 метри.

Така Матијас се префрлил во десетобој, а неколку недели подоцна во олимписките квалификации го победил тогаш актуелниот првак на САД во таа атлетска дисциплина. Потоа, само по неколку месеци откако првпат се натпреварувал во десетобој, станал најмладиот освојувач на златен олимписки медал во атлетика, во својот само трет настап во десетобојот. На тие Летни олимписки игри Матијас беше единствениот десетобоец со освоени повеќе од 7.000 поени.
Четири години подоцна, на Летните олимписки игри во Финска, одржани во Хелсинки, Матијас стана првиот што ја одбранил олимписката круна во десетобој. Згора, тој во Хелсинки го освои златниот медал со најголема бодовна разлика пред второпласираниот во олимписката историја и со нов светски рекорд (одново беше единствен со над 7.000 поени). Матијас остана непоразен во неговите 11 настапи во десетобој и, патем, постави вкупно три светски рекорда.

Сестраниот спортист Матијас (покрај атлетиката, бил кошаркар, со просек од 18 поени по натпревар, како и играч во американски фудбал) имал и кратка филмска кариера (еден филм е за неговата спортска кариера), по дипломирањето на „Стенфорд“ во 1953 година тој продолжил со спортски активности, а од 1967 до 1974 година бил член на претставничкиот дом на Конгресот на САД, како републикански конгресмен од Калифорнија.