Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска од Токио ја повика меѓународната заедница да преземе конкретни чекори за нуклеарно разоружување.

– Неопходни се конкретни активности за нуклеарно разоружување и прифаќање на Конвенцијата за забрана на атомското оружје, што потоа ќе може да се искористи како средство за притисок за преземање на ефикасни и позитивни мерки во врска со тоа прашање, изјави Гутереш, кој вчера допатува во тридневна посета на Јапонија.

Гутереш денеска во Токио имаше средба со јапонскиот премиер Шинѕо Абе, од која двајцата лидери порачаа дека санкциите на ОН кон Северна Кореја треба да останат во сила се додека Пјонгјанг не преземе конкретни чекори за денуклеаризација.

– ОН во целост ги поддржуваат преговорите меѓу САД и Северна Кореја, чија цел е целосна проврелива и неповратна денуклеаризација, изјави Гутереш по раговорот со Абе.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, во јуни во Сингапур, вети дека Пјонгјанг ќе преземе мерки за „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.

По средбата со Абе, Гутереш отпатува за Нагасаки, каде утре ќе присуствува на церемонијата по повод 73-та годишнина од американскиот напад со атомска бомба врз градот.

Со ова, Гутереш ќе биде првиот генерален секретар на ОН што во текот на својот мандат присуствува на церемонија на годишнината на нуклеарниот напад во Нагасаки.

По пристигнувањето во Нагасаки, Гутереш се сретна со локални жители кои го преживеале нападот со атомската бомба, на кои им порача дека тие имаат важна улога во напорите за постигнување мир без нуклеарно оружје.