Холивудскиот актер Џон Малкович ги загубил своите животни заштеди со шемата на озлогласениот финансиер Мадоф, кој измами илјадници инвеститори за околу 64,8 милијарди американски долари во таканаречената понзи-шема и подоцна беше осуден на 150 години затвор. Малкович откри дека тој и неговата долгогодишна партнерка Николет Пејран морале да направат големи промени во начинот на живеење, така што тој морал да прифати што повеќе улоги во разни филмови за повторно да станат финансиски безбедни.

– Нашиот тогашен бизнис-менаџер инвестира речиси сè што имавме во компанија на некој финансиер Берни Мадоф. Сè што некогаш сум создал, го снема. Морав да работам цело време. Престанав да давам пари за многу работи – за бизнис, за забава, за семејството, за пријателите. Претходно трошевме многу пари за продуцирање филмови. И тоа запре – вели Малкович во интервју за британски „Гардијан“.
Бернард Лоренс Берни Мадоф е американски финансиер, кој ја направи најголема финансиска измама во историјата на САД.

Во период од 17 години, можеби и подолго, тој измами илјадници инвеститори за десетици милијарди долари. Им исплаќал висока месечна камата на клиентите со нови инвестиции во неговата компанија, користејќи ги парите од другите клиенти. Терминот „понзи“ стана заштитен знак за измами што подразбираат привлекување нови инвеститори за да го платат профитот на веќе постојните инвеститори на одреден проект.