Турција не ги почитува обврските за спречување на бегалскиот бран

610

Грчкиот министер за миграциска политика Димитрис Вицас телефонски разговарал со турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, кого го повикал Турција да ги почитува преземените обврски за бегалците на грчките острови и пред сѐ во областа на реката Еврос, каде што во последните денови е регистрирано драстично зголемување на бројот на нови мигранти.
Како што јави весникот „Вима“, за време на разговорот Вицас рекол дека Грција ги почитува обврските утврдени во договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците и оти е важно тие да бидат почитувани од сите страни.

Атина првпат отворено врши притисок врз Анкара за областа по течението на реката Еврос (Марица) од каде што само вчера од Турција влегле 340 лица што илегално ја преминале границата со Грција, подвлекува весникот.
За време на дебата за новиот предлог-закон за азил, Вицас рече дека бројот на мигранти што пристигнуваат на грчките острови е двојно поголем. Тој истакна дека на островот Лезбос, каде што се наоѓа најголемиот камп за мигранти, минатата година од Турција пристигнувале во просек 54 мигранти дневно, а само вчера пристигнале 206 нови лица.

На сите грчки острови во текот на април регистрирани се вкупно 2.168 нови бегалци и мигранти.
Во првите два месеца имало по 66 пристигнувања дневно, но оттогаш таа бројка се зголемила на 126, а последните денови и на 200 мигранти дневно.
Вицас истакна дека преку копнениот дел од границата меѓу Грција и Турција, на реката Еврос, годинава пристигнале вкупно 2.700 бегалци и мигранти, а само завчера нивниот број изнесувал 340 лица.
Вкупно, од почетокот на годинава преку море во Грција пристигнале повеќе од 7.000 бегалци, додека во Турција се вратени 112 лица.