Педесет години светска галерија на карикатури

58

Во Музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид синоќа се одржа промоција и отворање на изложба на карикатури. Изложбата се состои од 50 карикатури – добитници на највисоката награда на секоја од 50-те изданија на Светската галерија на карикатури Скопје од 1969 – 2019 и ќе трае до 3 октомври.

– Кога ќе се спомене „Остен“ – најпрвин се мисли на карикатурата, и со право! Скопје, град со релативно скромни традиции во карикатурата, благодарејќи на професионалното организационо обликување на Светската галерија на карикатури од страна на членовите на Редакцијата на македонскиот хумористично-сатиричен весник „Остен“, од 1969 година прераснува во град-мека на светската карикатура и тоа трае веќе 50 години! За тоа се заслужни многумина: Од Блаже Конески (кумот на името „Остен“), Ацо Шопов, Владо Малески, Славко Јанески, Василие Поповиќ Цицо, .., преку Дарко Марковиќ, Дукан Јелен, Владо Јоциќ, Панде Јаревски, Миле Попоски, Димитар Чудо, Ане Василевски, Глигор Костовски, Делчо Михајлов, Ѓуро Варга, Ефтим Проески, Живко Павлов, сите во своите области како работници или соработници во Редакцијата на „Остен“, па сѐ до Мице Јанкуловски, кој од 2004 година заедно со тимот успешно ја продолжува традицијата на Светската галерија на карикатури. Брендот, за волја на вистината, испадна доста жилав – стои во соопштението од „Остен“.