Панче Ќурчиев-Пампик – жива легенда на велешкиот спорт

60

Популарниот Пампик е една од ретките личности во Велес што практично ја има целата спортска истoрија на градот на Рацин. Во млади години беше сестран спортист, фудбалер, борач, ракометар, атлетичар. Ќурчиев неодамна издаде две книги со стотици фотографии од периодот од 1919 година, па до денешно време

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (179)

Ретки се градските личности како Панче Ќурчиев, популарно наречен Пампик. Тој е жива легенда на спортот во градот на Рацин, а што е карактеристично за него – со голема љубов, сакајќи да остане нешто како документ од минатото време, собирал сѐ што мислел дека е вредно и така создал една огромна колекција од слики. Сите тие се обележени и означуваат за кој период се работи, почнувајќи од 1919 година, па до денес. Интересно е дека од фотографиите, а и некои пишани материјали, зачувани во орманите на повеќе видни велешки семејства, произлегува дека практично организираното спортување во градот почнало во последните две години од втората декада на минатиот век. Некои документи од тоа време кажуваат оти токму тогаш почнал да се игра и фудбалот, кој веднаш станал многу популарен и ги освоил младите велешани. Но интересна е приказната на Пампикот како дошло до тоа уште од тоа време да се игра фудбал, со што излегува дека Велес бил и еден од првите македонски градови во кои почнала да се тркала фудбалската топка.

ВАРДАР ГО ДОНЕСЕ ФУДБАЛОТ

Во алманахот посветен на вкупното спортско живеење во градот, многу е интересна приказната за тоа како се нашла фудбалската топка во Велес.
– За ова има три верзии. Јас тоа го напишав и во почетокот на алманахот. Според една од верзиите, која не е толку веројатна, се вели дека фудбалот го донел Вардар. Децата што биле на брегот се фрлиле по него, да видат што „чудо“ им донесе водата. Тие почнале да поигруваат со топката, со раце, со нозе, сѐ додека еден хрватски офицер, кој се нашол тука, не им покажал дека топката се удира со нозе. Втората верзија вели дека топката ја донел некој Англичанец, а третата дека тоа бил некој велешки трговец што увезувал стоки од Солун. Што е точно, до денес не можев да откријам, но знам дека тогаш, во таа 1919 година, почнал да се игра фудбал во Велес. Оваа игра ги маѓепсала младите и тие постојано биле со топката кај двата јавора во Сар Маале. Токму во тоа време, по иницијатива на група млади луѓе од семејствата Амбаркови, Ќурчиеви, Есмерови, Капчеви, Бабунски, Анѓушеви, Поп Ѓорчеви, Бауман, Органџиеви и некои други, бил формиран фудбалскиот клуб Напредок. Негов прв спонзор бил Илија Амбарков, бакалин и трговец, инаку татко на мајка ми – вели Пампик.
Како што еден мој колега (Бошко Трпевски) често знае да каже дека спортот и музиката одат заедно, излегува дека навистина во тоа време, па и сега, одат едно со друго. Имено, во годината кога е формиран ФК Напредок било формирано забавно-спортското друштво „Горски“, во кое почнал да егзистира и фудбалски клуб. Потоа, како што се нижеле годините, се „нижеле“ и фудбалските клубови, па така се стигнало до ФК Борец, кој во минатите времиња, па и сега, игра значајна улога во македонскиот фудбал.

ДВА ДАТУМА ЗА ДЕНОТ НА РАЃАЊЕТО

За да не излезе дека Пампик бил само спортски колекционер, треба да се каже, како што реков во почетокот, тој е жива спортска легенда. Покрај играњето фудбал, што било својствено за сите велешки деца, тој бил и борач. Е, тука, поради настапи во борењето доаѓа до една збрка со неговиот датум на раѓање.
– Не би рекол дека е збрка, туку тоа е намерно направено. Имено, за да можам да учествувам на младинскиот шампионат на Македонија во борење, слободен стил, во 1963 година, требаше да бидам роден во 1947, а јас бев во 1946-та, па затоа ме направија една година помлад. Така излегува како да сум се родил двапати, вели во шега Пампик. Но тоа беше такво време. Инаку, во борењето имав добри резултати, бев и меѓу најдобрите младинци во Југославија, зашто освен во Македонија, слободното борење во другите републики и покраини од државата не беше практикувано. Во нив беше развиен само грчко-римскиот стил – вели тој.
Колку Панче Ќурчиев беше вистински спортски занесеник говори и следниот факт: тој во исто време кога се бореше за БК Железничар, подоцна Борец, беше и атлетичар и фудбалер, дури се проба и во ракометот, во кој Велес има долга традиција, а беше и југословенски прволигаш.

– Стигнував насекаде, па дури со другарите станавме и актери и настапувавме во неколку претстави во тогашната „Соколаана“, која беше собиралиште на младите од градот – ја продолжува приказната Ќурчиев.
Особено, со задоволство, Пампик се сеќава на времето кога почна да се занимава со атлетиката.
– Кога бев војник во Пула, во 1967 година, победив во трчање на еден час. Старешините беа изненадени од каде толкава кондиција кај мене, кој, за разлика од другите, бев ем понизок ем послаб. Но токму таа физичка конституција, а и она што го имав акумулирано во себе уште од дома, кога се натпреварував и бев меѓу челните на кросовите и на уличните ноќни трки, организирани во чест на Денот на ослободувањето на нашите градови, многу ми помогна во таа напорна трка во Пула. Па, во Скопје трчав и со тебе – ме потсетува Пампик и додава: – Ти победи, а јас бев петти.
Ете, и мене ме врати години, години наназад, кога најчесто со Љубиша Трбоевски и со Сотир Гавриловски-Сотка, за жал двајцата покојни, водевме жестока борба за првото место. Потоа, остана само Сотка, кој беше и еден од најдобрите југословенски тркачи на средни и долги патеки кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на минатиот век.

ДВА АЛМАНАХА ЗА НАВЕК

За Панче Ќурчиев, живата велешка спортска легенда, може уште многу да се пишува, дури да се сними и филм. Тој е народен човек, а на промоцијата на двата алманаха, кои се вистинска спортска историја на градот, беа собрани сите најпознати велешки спортисти. По иницијатива на Пампик, а во соработка со Клубот на ветераните, а и некои поединци, како на пример познатиот поранешен фудбалски репрезентативец Панче Ќумбев, на сите нив им беа доделени признанија за придонесот во развојот на спортот во градот, кој некогаш беше Титов Велес, а денес Велес. Не беа заборавени и починатите, меѓу кои имаше и југословенски репрезентативци, на чии семејства посмртно им беа доделени признанијата. Така тие никогаш нема да бидат заборавени, а нивните поколенија ќе се гордеат што во семејството имале големи спортски асови.
– Тоа ми беше најголема желба, паралелно со промоцијата на двете книги, „Спортски алманах“ и „Соколаана“, да ги удостоиме сите што од спортски аспект многу значат за нашиот град. Нивните резултати верувам дека ќе бидат патоказ за следните генерации. Тие ќе знаат дека не се без корен и дека тука на овие простори, покрај Вардар, кон спортот и културата секогаш се гледало со пиетет – вели Панче Ќурчиев.
Популарниот Пампик продолжува да другарува со спортистите. Тој и денес е најредовен на натпреварите на ФК Борец.

– Бев пресреќен кога минатата година, по 18-годишна пауза, велешкиот фудбал повторно дојде на прволигашката сцена. Добро е да има спонзори како Кочо Анѓушев, па и тие да се вклучат во спортовите, како ракометот, кошарката и одбојката, по кои некогаш Велес беше препознатлив. Во нив имавме личности како Тодор Мијаков, најсестраниот велешки спортист, потоа Панче Николов, кој максимално се вложи во ракометот и еден од нашите најголеми ракометни асови Пепи Манасков, Рончо Васков, атлетичар, Сефер Салиовски (трет во Европа), Никола Цецев и Анѓел Мицев во борењето, Благој Мазнев, Ѓорѓи Садиков-Гргушот во боксот, потоа браќата Жабеви во одбојката. Долг е списокот со имињата, кои во оваа пригода немам простор да ги споменам, но затоа, пак, сите тие се најдоа во двата алманаха, за навек – рече авторот на овие изданија, популарниот Пампик.
Сега останува синот Никола и ќерката Весна да продолжат по патот на својот татко.


Панче Ќурчиев-Пампик

Роден: во 1946 година во Велес
Кариера: настапувал за боречкиот, атлетскиот, фудбалскиот и за ракометниот клуб Борец
Успеси: победник на неколку атлетски кросови и улични трки во градовите во Македонија, младински првак на Македонија и на поранешна Југославија во борење слободен стил