Нов обид за зонско паркирање во Гостивар

196
Фото: Игор Бансколиев

Нов обид на гостиварската локална самоуправа да го реши хаосот со паркирањето во градот. Јавното претпријатие за паркинг и зеленило објави тендер за избор на фирма која ќе го воспостави, управува и одржува системот за зонско паркирање. Во јавниот оглас стои дека со фирмата ќе се склучи договор на една година, а вредноста е проценета на 1,2 милиони денари.

Системот треба да обезбеди можности за плаќање на паркинг услугите со СМС пораки и со билети. Во работните денови платен паркинг ќе има од 7 до 21 часот, во саботите од 7 до 14 часот, додека во неделите и за празници паркингот ќе биде бесплатен.

Гостивар е без зонски паркинг од февруари годинава, кога новото општинско раководство го раскина договорот со фирмата која до тогаш го спроведуваше. Како причина за тоа беше наведено дека постоеле злоупотреби од претходната власт кои оделе на штета на претпријатието, а во корист на фирмата.

Договорот се раскина, а граѓаните од тогаш бесплатно користат паркинг. Сето тоа доведе до сообраќаен хаос низ улиците, не се внимава ни каде, ни колку се оставаат автомобилите паркирани.

Тендерот се затвора на 16 јули, по што ќе следуваат останатите процедури. Кога повторно ќе профункционира зонското паркирање во Гостивар, се` уште не може прецизно да се каже.

А.С.