Косово не одговара на барањата за екстрадиција на осомничените во „Монструм“

81

Министерството за правда испрати официјално соопштение со цел детално да ја информира јавноста за постапката за екстрадиција на двајцата осомничени во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Од таму уверуваат дека ги користат сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесат во земјата притоа користејќи ги сите законски можности, но и билателарниот договор со Косово.

– Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година Апелацискиот суд на Република Косово го одбива првото барање за екстрадиција. Кога беше комплетиран предметот повторно, од страна на министерката Дескоска беше испратено новото барање за екстрадиција, кое во Министерството за правда на Косово го имаат примено на 5 септември 2018 година. Во новото барање детаљно се образложени сите точки што беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција до денес, Министерството за правда нема добиено никаков одговор од косовското Министерство – се наведува во соопштението.

Во него се додава дека на македонското Министерство му преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат.

– Вакви ургенции имаме пратено во два наврата, и тоа на 26 февруари 2019 година, а последната ургенција е испратена на 3 јули оваа годинава – образложуваат од Министерството.

Додаваат дека очекуваат косовските власти да постапат по овие ургенции, а лицата да бидат екстрадирани и изнесени пред лицето на правдата.

Од Министерството за правда информираат и дека министерката Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ и детално ќе ги информира за преземените дејства за екстрадиција на лицата од Косово.