Корона-кризата влијаела врз Германката која уби пет свои деца?

172

Додека пред зградата во германскот град Золинген каде мајка уби пет од своите шест деца, луѓето им оддаваат почит на жртвите, експертите се обидуваат да одговорат на прашањето: Зошто се случи ова грозоморно убиство?

Единствената осомничена за убиството на децата, три девојчиња – Мелина (1), Леона (2), Софи (3) и две момчиња – Тимо (6) и Лука (8) е нивната 27-годишна мајка, беше соопштено на вчерашната прес-конференција на која зборуваа јавниот обвинител и претставници на полицијата.

Кристијана Н. поставила доручек, а потоа ги отрула децата. Наводно ги затрула со апчиња, пренесуваат медиумите.Обдукцијата врз телата на децата пронајдени во нивните креветчиња покажала траги од задушување и употреба на седативи. Немало директни знаци на насилство.

Жената по ужасниот злочин, отишла по најстариот син во училиште и му рекла дека во семејството имало смртен случај. Седнале во воз за Диселдорф, а потоа се збогувала од него, кога тој менувал воз за друго место, каде наводно требало да ја посети баба му.

Кристијана и пратила порака на својата мајка, признавајќи што направила, а по 20 минути на станицата во Диселдорф се фрлила под воз, но обидот за самоубиство не бил фатален и таа преживеала.

Убиствата, како што пренесуваат медиумите, очигледно биле извршени во „состојба на емоционално преоптоварување“, а позадината на сè е наводно пропаднатиот брак на мајката со таткото на четири од петте убиени деца.  Студиите покажуваат дека мајките најчесто се извршители на убиства на деца во возрасна група од шест до 13 години, а татковците во случаи на деца до пет години.

– По разводот, некои татковци, во случај да не можат да го зачуваат старателството над своите деца, едноставно не сакаат да дозволат тоа право да им припадне на нивните поранешни сопруги – вели Штефан Репке, специјалист за психијатрија и психотерапија.

Тој исто така посочува дека економската ситуација може да игра важна улога во конфликтот на партнерите или некој клучен настан во животот. Тогаш сторителот, додава Репке, не гледа излез од таа ситуација. За Репке, исто така и корона-кризата е еден од факторите на ризик за појава или повторување на некои ментални проблеми.

– Самохраните родители на мали деца се особено изложени на ризик, тие се многу повеќе оптоварени во времето на короната, а образованието на децата од дома, наместо на училиште, исто така создава стрес – објаснува тој.

Ако некое лице, како што вели Репке, падне во тешка депресија што може да биде придружена со налудничави претстави и идеи, тогаш може да се случи нешто како оваа трагедија. Официјалната истрага за случајот и натаму е во тек.