Заев: Очекуваме позитивна одлука од Европската Унија

23

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска присуствуваше на Конференција на почесни конзули што се одржа во МНР, а на којашто присуствуваа почесни конзули од повеќе континенти и држави, од САД, Австралија, Индија, Индонезија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Романија, Турција, Казахстан, Словенија, Хрватска, Јордан, Сирија.

Заев во рамки на обраќањето оцени дека ова е неповторливо време за земјата, посочувајќи на заокружувањето на интеграцискиот процес во НАТО и очекувањата за почеток на преговорите со ЕУ како можност и за економски развој.

– Очекуваме, не подоцна од оваа година, дека конечно ќе добиеме позитивна одлука од Европската Унија, бидејќи речиси 14 и пол години чекаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, што е многу важно за нас. Главниот проблем што нè спречуваше во минатото беше прашањето со Грција, но сега по решението постои многу мотивација внатре во земјата што резултираше со огромен успех во реформскиот процес, заедно со опозицијата. Донесовме и нови регулативи коишто се потврдени од Европската комисија и даваат многу јасна препорака да се почнат преговори со ЕУ. Исто така би сакале да го продолжиме овој моментум на мотивација во нашава земја и да продолжиме со позитивната насока, што е многу важно за животот, директно има влијание врз економската состојба, врз животот на граѓаните, но и врз целиот поширок регион во Западен Балкан – рече премиерот Заев.

Тој посочи дека Македонија е следната земја членка на НАТО, што оди во прилог на економскиот развој.

– За нас, НАТО значи стабилност и безбедност, што е многу важно и за секој инвеститор, тоа е минимумот што го очекуваат за да одлучат да инвестираат во земјава. Тоа ќе го оствариме преку процесот на интегрирањето во НАТО. Очекуваме дека од наредната, 2020 година ќе бидеме полноправна земја членка на НАТО. Не очекуваме никакви пречки или поплаки од некои од земјите членки, сепак тоа е процес што мора да биде потврден низ парламентите на секоја земја членка на НАТО. И секако тука е Европската Унија којашто за нас значи поголема трансформација и подобрување на демократските состојби и станување на вистинска европска земја со европски вредности. Во моментов очекуваме позитивна одлука од Европската Унија, за да се одржи и нашата мотивација, да продолжиме да работиме и да се движиме во оваа насока. Да го започнеме процесот на преговори со ЕУ – тоа е едно патешествие кое што ќе нè трансформира да станеме подобра земја, а ќе ни даде и поголема мотивација за идната економска соработка на Република Северна Македонија со другите земји од светот. Некој нè нарече светлечка земја, ѕвезда на Балканот, што е еден вид и потврда за амбиентот за чувството во Европската Унија, затоа што ние навистина работиме напорно заедно со опозицијата, изгласавме многу нови закони и регулативи и мислам дека тоа ќе придонесе позитивно кон нашата држава, особено регулативите поврзани со правосудството, со борбата против корупцијата, како и подобрување на безбедноста на државата. И тоа исто така ќе мотивира уште повеќе бизнисмени и граѓани да работат уште подобро во Република Северна Македонија – рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на почесните конзули за сè што прават во подобрувањето на имиџот на земјата и повика во претстојниот период посебно да партиципираат во позитивните процеси, во економските придобивки и развојот на државата. Во обраќањето тој на кратко објасни за досегашните економски постигнувања коишто се значително поголеми од претходните години, поради севкупната позитивна клима во државата, за поддршката што ја дава државава на фирмите, за даночните олеснувања со коишто тие може да работат профитабилно, одржливо и безбедно, а дека за граѓаните и за нашата земја тоа значи поголемо производство дома и повеќе работни места.