Заев и Анѓушев на промоција на стартап-проекти

87

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, имаа свои обраќања на настан во организација на Фондот за иновации и технолошки развој за промоција на 48 стартап-проекти добитници на финансиска поддршка од двата повика на „Стартапувај“.

– Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис-идеи тогаш задоволството е обострано и најголемо. Вложувањето во вашите стартап-бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес – рече Заев.

Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот „Стартапувај“ и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.

– Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска банка обезбеди средства во висина од 1,8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти – нагласи премиерот.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап-компаниите.

– „Амазон“, „Фејсбук“, „Тесла“, „Епл“ се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е „Мобајл Ај“, стартап-компанија од Израел, која го иновираше системот за самоуправувачки возила, а е продадена за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно – порача Анѓушев.