Децата се најискрена и најблагородна публика!

29

Весникот „Нова Македонија“ се најде во претставата „Кога Хокус го сретна Покус“ како важен едукативен момент. Децата дознаа за историјата на весникот, како и за тоа што е рециклирање. Во продолжението на кое работам ќе има и други едукативни моменти, но не е исклучена можноста весникот повторно да се појави на сцената, вели магионичарот Гого

Георги Гавровски, илузионист, музичар и пријател на најмладите

Георги Гавровски, познат кај публиката од седум до 77 години како Гого Реквием, сѐ уште живее во илузии, употребува трикови, кај него може одненадеж да снема сѐ или, пак, нешто да почне да лебди… Па се разбира дека е така, кога Гого е познат македонски магионичар, признаен и наградуван во регионот и пошироко. Повеќе од 15 години тој со своите точки настапува, на радост на публиката, а има и посебна програма наменета за децата. За најмладите тој ја изведува и претставата „Кога Хокус го сретна Покус“, која наиде на одличен прием кај децата, а во доверба ќе ви откриеме дека веќе се работи и на продолжението.
Инаку Гого се занимава и со музика, па овие две негови животни пасии постојано се дополнуваат и се испреплетуваат.
Каков е магичниот свет на Гого откривме во интересниот разговор со него, кој го водевме неодамна на едно таинствено место, а, еве, можете да го прочитате и на страниците на „Колибри“.

Кога одбравте да бидете илузионист, магионичар и музичар, што беше пресудно за оваа ваша животна одлука?
– Дека ќе бидам музичар знаев уште од многу мал гледајќи ги моите омилени бендови. Но исто така уште од мал им се восхитував на магионичарските ефекти и онака маѓепсан, веднаш сакав да дознам како се прават тие трикови.Денес чувствувам восхит кога ќе видам како луѓето во публиката реагираат на моите настапи.
Како се одвиваше вашето искачување на патеката на успехот? Контактиравте ли со други магионичари од земјава, регионот, па и пошироко?
– Кога го печев занаетот сѐ уште немаше интернет и Јутјуб и беше многу тешко да се најде цеде или дивиди со таква содржина, па така јас најмногу научив од книги. На почетокот контактирав со многу колеги од регионот. Тука сакам да издвојам еден од моите ментори, Раде Пилиповиц-Грифони од Србија, кој многу ми помогна кога почнав да навлегувам во професионалните води на магионичарството. Потоа следуваа и контакти со повеќемина американски магионичари. Доказ дека сум на вистинскиот пат се многубројните освоени награди на интернационални натпревари, а од 2015 г. сум член и на меѓународното балканско жири. Моите ученици Никола Ангелески од Скопје и Ненад Трајаноски од Тетово, исто така, можат да се пофалат со награди.

Велат дека децата, со кои другарувате веќе петнаесетина години, се најискрена и најпрекрасна публика, дали е навистина така?
-Да, дефинитивно децата се најискрена и најблагородна публика. Како прво, треба и самиот да се чувствуваш како дете за да ја работиш гранката на детско магионичарство. Ако настапот ти е само рутина, децата веднаш ќе го почувствуваат тоа и толку од настапот. Не можете да ги лажете. Затоа и кога настапувам, по изведбата на точките, често децата не ме пуштаат да си одам и нормално останувам, сечеме торта и што уште не… Имам веќе неколку добри пријатели каде што веќе 5 години доаѓам на роденденски настап, нормално со друга програма бидејки имам различен подготвен материјал, за различна возраст. Досега сум настапил на разни манифестации, како кај нас така и во странство, а се разбира и на голем број родендени.

Веројатно секогаш кога сте во нивно друштво децата ве опсипуваат со најразлични прашања. Што ве прашуваат најчесто?
– Најчесто децата ме прашуваат каде сум учел за да станам магионичар и нормално сакаат да знаат како се прават некои од ефектите.

Кој настап нема никогаш да го заборавите?
– Има неколку настапи што длабоко ми се врежани во срцето.Едниот е хуманитарниот настап на одделот Детска онкологија во Државната болница – Скопје, каде што неколкупати досега сум ги посетил болните дечиња, потоа незаборавно е гостувањето во Горажде, Босна и Херцеговина, каде што настапив пред деца со попреченост во развојот и третиот настап е во САД, кога отидов со еден мој другар во посета на неговата баба, сместена во центар за нега на луѓе со Алцхајмерова болест. Всушност, тоа не беше настап, туку во неврзан разговор случајно реков дека сум магионичар и одеднаш околу мене се собраа голем број постари луѓе, кои сакаа да им покажам неколку трика. Овие настапи ме преплавија со емоции и длабоко ме допреа, а награда ми беа реакциите на публиката. Гледаш дека сите се среќни и весели, од друга страна, знаеш каква е нивната вистинска психичка состојба. Тоа е премногу тешко за еден уметник, бидејќи без оглед на сѐ мораш да бидеш насмеан и расположен зашто во тебе се вперени сите погледи.

Треба и самиот да се чувствуваш како дете за да ја работиш гранката на детско магионичарство. Ако настапот ти е само рутина, децата веднаш ќе го почувствуваат тоа и толку од настапот, ни откри Гавровски

Која ваша точка секогаш предизвикува бура реакции кај помалите, но и кај повозрасната публика?
– Најголема бура се случува кога од мојата кутија со карти, која е затворена, излегува, односно лебди само картата на гледачот. „Како Хокус го пронајде Покус“ е името на вашата прва авторска претстава за деца што наиде на голем интерес, а се прикажува и на телевизијата Телма. Каква порака сакавте да им пренесете на децата?
– „Како Хокус го пронајде Покус“ е мое прво авторско дело. Всушност тоа најпрво беше насловот на книгата што ја напишав, а потоа се роди и претставата, преку која сакав на децата да им пренесам многу едукативен материјал, но не на нападен начин, туку преку илузија и комични ситуации. Пред сѐ мојата желба беше да ги пренесам моите животни искуства и пораки, на пример: никогаш да не сме суетни, љубоморни, да ги почитуваме постарите и, се разбира, своите родители… Се надевам дека успеав во тоа со помош на Мартин Јорданоски, кој го глумеше Покус.

Во една од точките, дел од претставата е и нашиот весник „Нова Македонија“. Ќе нѐ има ли и во вториот дел на претставата на кој веќе работиш?
– „Нова Македонија“ се најде во претставата како важен едукативен момент.Децата дознаа за историјата на весникот, како и за тоа што е рециклирање. Во продолжението на кое работам ќе има и други едукативни моменти, но не е исклучена можноста весникот повторно да се појави на сцената.

Речиси една година како нема живи настапи, собирања, концерти… Бидејќи токму тоа е дел од вашата професија, дали оваа долга пауза ја искористивте за своја надградба, за осмислување на нови проекти, но и за освежување на постарите точки?
– Паузата минатата година ја искористив за заслужен одмор бидејки првиот дел на претставата се подготвуваше цели девет месеци. Голем дел од времето, секако, го користев и за повторување на веќе научените илузии. Исто така заедно со уште четириесетина колеги музичари од Македонија, од регионот, па дури и од Америка, во април реализиравме онлајн концерти, насловени „Од пријател до пријател“. Снимките одеа во три дела, со вкупно времетраење од пет часа програма. Тоа ми одзеде речиси два месеца монтирање, но драго ми е што музиката и во овие тешки мигови ги спои луѓето. Моја лична, а се надевам тоа е желба и на многумина, што поскоро животот да ни се врати во нормала.


Како се мери…

Лесно е за висината и тежината,
но како се мери добрината?
Како се мери другарството?
Или да кажеме – лагата?
Како се мери радоста
или, на пример тагата?
Кој е најдобар другар,
а кој најмногу лаже?
И кој има најубави очи –
знае ли некој да каже?

Димитар Алачки (Од книгата „Таинствениот сликар“)