Вархеји: Имам голема надеж дека преговорите со Скопје и Тирана ќе започнат наредниве недели

39

Европската унија би можела да ги отвори пристапните преговори за Македонија и Албанија за неколку недели, бидејќи двете држави постигнаа добар напредок во подготовките, рече денеска еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Франција, која го блокираше започнувањето на разговорите со Скопје и Тирана во октомври минатата година, месецов порача дека преговорите со тие земји би можеле да започнат доколку Европската комисија им даде позитивна оценка во март, потсетува хрватски „Индекс“.

Вархеји вели дека извештајот на Комисијата, кој треба да биде објавен следната недела, е охрабрувачки.

– Има сериозен напредок кај обете држави. Јас сум многу охрабрен од фактот дека двете земји избраа да забрзаат (во однос на нивните подготовки) – рече тој по средбата на Вишеградската група со земјите од Западен Балкан во Прага.

– Навистина се надевам дека извештајот ќе ги убеди земјите-членки оти овие две држави се подготвени и дека и ние треба да бидеме подготвени за отворање на преговорите – рече комесарот за проширување, додавајќи дека многу се надева оти преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе започант во наредните недели.

Париз се спротивстави на започнувањето на преговори со Скопје и Тирана, велејќи дека прво треба да се реформира процесот за проширување.

Затоа Комисијата овој месец предложи реформи во преговарачкиот процес, кои на земјите-членки им дава поголемо влијание врз процесот и го олеснува неговото запирање или прилагодување, поточно замрзнувањето на европските фондови.

„Индекс“ потсетува дека преговорите со земјите кои пристапуваат траат со години.