Улиците во Њујорк ги паметат многумина по неговите жолти такси-возила, но деновиве обележјето на градот се камиони за селидба.

Според истражувањето, 420.000 луѓе го напуштиле Њујорк од март до мај. За град со повеќе од осум милиони жители тоа не изгледа како многу, но на југот на Менхетен околу пет проценти од становите се празни, а во скапите населби скоро половина од становите се веќе празни, пишува „Себиз“.

– Живеете во градот затоа што сакате да бидете во градот. Но, кога сè ќе се затвори и исчезне, целата култура на живеење, ресторани, паркови… Тогаш е многу тешко – вели Алисон Бернштајн.

Таа е агент за недвижнини и истакнува дека никогаш немала толку многу работа.

– Нашиот бизнис напредува. Во споредба со минатата година, имаме 350 проценти повеќе барања од избувнувањето на пандемијата – истакнува Бернштајн.

Порано луѓето сакаа да го најдат своето место во Њујорк, но сега е обратно – сакаат да заминат.

Луѓето заминуваат не само заради принудното мртвило, туку и затоа што Њујорк отсекогаш бил скап град, а поради корона-кризата, многумина веќе не можат да си дозволат да живеат во градот. Многу луѓе ги загубиле своите работни места, а многумина допрва се подготвуваат да заминат.