Јапонскиот парламент избра нов премиер, по повлекувањето на Шинѕо Абе поради здравствени проблеми.

Нов јапонски премиер ќе биде Јошихиде Суга, долгогодишен соработник и помошник на Абе.

Суга (71), досегашен главен секретар во владата на Абе, победи на изборите за претседател на владејачката Либерално-демократска партија во понеделникот, отворајќи го патот за негово назначување за нов јапонски премиер.

Суга треба да ги претстави членовите на новиот кабинет во текот на денот, пренесува АП.

Со парламентарните избори, Суга стана првиот нов лидер во Јапонија по скоро осум години, кој, според Ројтерс, ќе се соочи со многу предизвици, вклучително и заживување на економијата загрозена од кризата со ковид-19.

Суга го истакна своето потекло како син на земјоделец, кој со својата работа ја достигна позицијата политичар, а исто така вети дека ќе им служи на интересите на обичните луѓе и руралните заедници.

Тој рече дека ќе продолжи да ја води „незавршената политика“ на Абе и дека неговите приоритети ќе бидат борбата против коронавирусот и подобрувањето на економската состојба по пандемијата на коронавирусот.

Абе, кој поднесе оставка поради лошата здравствена состојба, пред официјалното менување на шефот на владата рече дека тој, како пратеник, ќе го поддржи кабинетот на Суга и му се заблагодари на народот за разбирањето и силната поддршка за новото раководство.