Рускиот претседател Владимир Путин навремено ќе му честита на новиот американски претседател веднаш откако ќе бидат објавени официјалните резултати од изборите во САД, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Одговарајќи на прашање дали „молкот“ на Путин може да се толкува како сигнал дека Москва ги отфрла резултатите од гласањето, Песков увери дека не е така. Тој истакна дека Џо Бајден е прогласен за победник од американските медиуми, додека резултатите од официјалното броење на гласовите сè уште не се објавени, а некои сојузни држави ги пребројуваат гласовите.

– Одлуката на Путин не е под влијание на фактот дека повеќето светски лидери веќе му упатија честитки на Бајден – увери Песков.

Во средата, кинескиот претседател Си Џинпинг му честиташе на Џо Бајден. Во понеделникот, американскиот претседател Доналд Трамп ја овласти администрацијата за општи служби да иницира формална транзиција кон тимот на Бајден, но продолжува да ги оспорува резултатите од изборите на 3 ноември, велејќи дека тој е победник и одбива да го признае поразот.