Американскиот претседател Доналд Трамп продолжи да го подрива НАТО, издвојувајќи ја најмалата и најнова членка на Алијансата, Црна Гора, како можен предизвикувач на Трета светска војна, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп се запраша зошто САД би ја бранеле Црна Гора, која беше примена во НАТО минатата година, во случај да биде нападната.

– Да кажеме дека Црна Гора, која се придружи на НАТО минатата година, е нападната. Зошто мојот син би одел во Црна Гора за да ги брани – прашал новинарот на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, на што Трамп одговорил дека и тој самиот го поставил истото прашање, додавајќи оти „Црна Гора е мала држава со силни луѓе“.

Карлсон го прекинал Трамп, истакнувајќи дека тој не е против Црна Гора, додавајќи дека која било држава, како на пример Албанија, би можела да биде вклучена во такво сценарио, по што американскиот претседател повторно ја „вмешал“ Црна Гора во неговиот одговор.

 – Патем, тие се многу силни луѓе. Тие се многу агресивни луѓе. Тие можат да станат агресивни. И тогаш честитам, веќе сте во Трета светска војна – кажал Трамп.

Членките на Алијансата можат да се повикаат на заедничка одбрана во случај на напад на нивна територија, со што сите 28 држави во НАТО би имале обврска да се вклучат во одбрана на нападната земја. Станува збор за членот пет на НАТО што досега беше активиран само еднаш, од САД, по терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Трамп се закани дека САД ќе се повлечат од НАТО доколку сојузниците не го зголемат трошењето за одбрана, во текот на неговата европска турнеја.