Милијардерот Џорџ Сорос објави дека ќе донира една милијарда долари за финансирање на глобална мрежа на универзитети осмислена за промовирање на либералните вредности и на неговата визија за отворено општество, пишува „Гардијан“.

Во „најзначајниот и најтешкиот проект во неговиот живот“, како што кажа Сорос, важно е да се финансираат институциите кои ќе помогнат во опирање на замавот кон растечкиот авторитаризам во САД, Русија и во Кина. Тој исто така упати нов напад врз Доналд Трамп, нарекувајќи го американскиот претседател „измамник и најголем нарцист“.

Во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос, Сорос кажа дека новата мрежа на универзитети ќе биде втемелена врз неговиот Универзитет на Централна Европа (ЦЕУ), воспоставен по падот на комунизмот. Универзитетот беше принуден да ги премести просториите од Унгарија во Австрија, откако унгарскиот премиер Виктор Орбан ги одзема правата на ЦЕУ за издавање американски дипломи.

– Мрежата ќе биде уникатна. Таа ќе понуди меѓународна платформа за учење и за истражување – порача Сорос.

Тој додаде дека политичката ситуација е значително тмурна и дека ќе биде грешка да се предадеме на безнадежноста.