Сопругата на мексиканскиот наркобос, Хоакин Гузман познат како Ел Чапо, е уапсена на меѓународниот аеродром во Вашингтон под сомнение дека е вклучена во мрежа за дистрибуција на дрога.

Ема Коронел Аиспуро (31), која има американско и мексиканско државјанство, денес треба да се појави пред федералниот судија. Таа е обвинета за учество во дистрибуција на кокаин, метамфетамин, хероин и марихуана.

Поранешниот водач на моќниот мексикански картел Синалоа во 2019 година беше осуден на доживотен затвор плус 30 години дополнителна затворска казна, а исто така му беше наредено да плати компензација од дури 12,6 милијарди долари. Неговата одбрана поднесе жалба на пресудата.

Аиспуро беше присутна на сите судски рочишта на нејзиниот сопруг, а одбраната преку писмо до судот, побара на Гузман да му биде дозволено накратко да ја прегрне сопругата, пред изнесувањето на воведните зборови во процесот во кој беше осуден на доживотен затвор.

Аиспуро е поранешна учесничка на избори за убавина која е во брак со Ел Чапо од 2006 година. Таа потекнува од семејство што исто така се занимавало со трговија со дрога. Гузман, наводно, се вљубил во неа кога ја видел на избор за убавина, на кој ја осигурил нејзината победа користејќи го своето влијание.