Претставник на администрацијата на Трамп изјави дека се нападнати дури 19 локации во рафинеријата „Абкаик“ и оти нападите потекнуваат од северозападна насока, а не од територијата под контрола на јеменските бунтовници, која се наоѓа југозападно од саудиските нафтени инсталации. Нападите доведоа до преполовување на саудиското производство и голем скок на цената на нафтата на светските берзи

Цената на нафтата на светските берзи забележа голем пораст по зголемувањето на тензиите на Блискиот Исток и нападите со дронови врз најголемата рафинерија во Саудиска Арабија. Нападите, за кои Вашингтон го обвини Иран, доведоа до запирање на работата на рафинеријата, со што глобалната понуда на нафта се намали за пет отсто. Техеран ги отфрли обвинувањата за инцидентот, за кој, пак, одговорноста ја презедоа јеменските бунтовници Хути. Но американски претставници тврдат дека сателитските снимки јасно покажуваат дека нападите не потекнуваат од територијата под контрола на Хутите.

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД се подготвени да одговорат на нападите на рафинеријата, што доведе до преполовување на саудиското производство на нафта. Трамп директно не го спомена Иран, но порача дека го знае виновникот што стои зад серијата напади врз најголемата рафинерија во светот.
– Ние сме подготвени и чекаме на потврда, чекаме да слушнеме од Саудиска Арабија да каже кој стои зад овој напад и по кои услови да продолжиме понатаму – додаде шефот на Белата куќа.

Претставник на администрацијата на Трамп изјави дека нападнати се дури 19 локации во рафинеријата „Абкаик“ и оти нападите потекнуваат од северозападна насока, а не од територијата под контрола на јеменските бунтовници, која се наоѓа југозападно од саудиските нафтени инсталации. Според него, како што пренесува „Њујорк тајмс“, во нападот најверојатно, покрај дронови, се користени и крстосувачки проектили, но тие не ги погодиле сите цели во Абкаик и на нафтеното поле Кураис, кое е оддалечено од Јемен дури 770 километри.

Би-би-си наведува дека не е исклучена и можноста нападите да бидат извршени од прошиитските бунтовници во Ирак, па и од самата територија на Иран. Засега нема цврста потврда за таквите тврдења, но американски претставници најавуваат дека ќе бидат понудени јасни докази – сателитски снимки и разузнавачки податоци. Од друга страна, пак, иранските власти категорично ги демантираат обвинувањата за нападот. Иранското МНР соопшти дека станува збор за бесмислени и неосновани лажни обвинувања. Официјален Техеран повторно им се закани на САД, предупредувајќи дека американските бази и бродови во регионот се во дострел на иранските ракети.

И додека трае играта на обвинувања за нападот, светските берзи веќе реагираа на запирањето на половината од производството на садуискиот државен нафтен гигант „Арамко“. Па, така, цената на нафтата вчера достигна околу 69 долари за барел, а Голдман сакс предупредува дека може таа да достигне 75 долари, доколку прекинот на производството во најголемата рафинерија во светот потрае повеќе недели. Истовремено, претседателот Трамп порача дека нема простор за паника и оти ќе бидат активирани американските резерви додека трае нарушувањето на саудиското производство.

Нападите, како што оценува Би-би-си, ќе доведат до дополнително дестабилизирање на и онака нестабилниот регион, и ја покажуваат големата ранливост на нафтените објекти и капацитети што се од централно значење за глобалната економија. Саудиска Арабија, поддржана од САД, води повеќегодишна воздушна кампања против бунтовниците Хути во Јемен. Но саудиските противници сега докажаа дека се способни и сами да нанесат стратегиски удар.

Некои експерти наведуваат дека инцидентот повторно ќе ја разгори дебатата за тоа до кој степен Иран ги снабдува јеменските бунтовници со воена технологија и опрема. Според нив, ако се земе предвид напнатата атмосфера во Персискиот Залив, нападите сигурно ќе ги разгорат регионалните тензии. Во секој случај, дипломатската штета е веќе направена.

– САД и Саудијците се големи непријатели на Иран. Администрацијата на Трамп уште претходно донесе одлука, обвинувајќи го Техеран за минирањето на бродовите во Заливот. Што се однесува до Трамп, тој е убеден дека ирански прсти се вмешани во ескалирачката стратегиска кампања на Хутите против саудиската нафтена инфраструктура – се наведува во анализата на Би-би-си.

Истовремено, инцидентот укажува и на неуспехот на политиката на максимален притисок на администрацијата во Вашингтон. Техеран е свесен дека Трамп, и покрај неговата непредвидливост, не сака да ги извлече САД од воените ангажмани, а не да ги вклучи во нови конфликти. Тоа им дава можност на Иранците и тие да спроведуваат политика на максимален притисок. Сепак, останува опасноста дека евентуална погрешна процена може да доведе до отворен конфликт, кој ниту една од страните навистина не го посакува.


Кои се опциите за Пентагон?

Американските воени лидери сигурно ќе ги разгледаат сите опции, меѓу кои и онаа за напад на Иран, а потоа ќе му ги претстават на претседателот Трамп. Една од опциите е напад врз база со дронови, како и ограничен напад врз иранската нафтена инфраструктура, сличен на оној од 1988 година, оценува аналитичарката за национална безбедност Ребека Грант.
Евентуалниот напад би бил ограничен, а би бил извршен само во договор со Саудиска Арабија и другите сојузници – особено Британија, Австралија и Бахреин, земји што се дел од операцијата „Сентинел“, за заштита на бродовите во Персискиот Залив.
– Сепак, Трамп не мора да брза во акција. Тој веќе докажа дека е многу внимателен кога станува збор за воените интервенции и дека претпочита преговори наместо напади. А многу работи зависат и од тоа што ќе одлучи Саудиска Арабија. Притисокот сега е врз ОН. Генералното собрание на ОН треба да се занимава со однесувањето на Иран. На крајот, токму ОН стојат зад иранскиот нуклеарен договор. ОН исто така управуваат со Меѓународната агенција за атомска енергија, која веќе го потврди иранското непочитување на договорот – заклучува Грант.


Уништени шансите за средба Трамп – Рохани

Иако шефот на американската дипломатија Мајк Помпео не понуди јавни докази за отвореното обвинување дека Иран стои зад нападите врз саудиската рафинерија, инцидентот ќе ги уништи сите надежи за средба на претседателот Доналд Трамп со властите во Техеран, наведува „Гардијан“.
Републиканецот Линдзи Греам, еден од најголемите поддржувачи на надворешната политика на Трамп во Сенатот, упати јасна порака дека разговорите со Иран повеќе не се на агендата.
– Иранскиот режим не е заинтересиран за мир, тие се стремат кон нуклеарно оружје и регионална доминација – порача Греам.